Skip to main content

Бујар Османи: Нема да има нови дивоградби во Чаир, ќе ставаме крај на урбаната мафија и политичките уцени

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, во дебатата на „Топ тема“, со противкандидатот Изет Меџити од ВРЕДИ, изјави дека дивоградбите и корупцијата се најголемиот извор на проблемите во општината и дека токму тие го задушиле Чаир во последните две децении.

Ако Чаир требаше да се препознава по Чаршијата, по историските споменици и по зеленилото, денес, за жал, кога ќе го спомнете Чаир, помислата на целата држава, па и пошироко, е синоним за дивоградби и корупција, изјави Османи.

Тој посочи дека постојат три категории на дивоградби, но најопасни се комерцијалните згради изградени без план, на државно земјиште и без платени комуналии.

Со тоа е оштетен буџетот, а тие пари завршиле некаде на друго место. Граѓаните кои со сите свои заштеди купиле станови во тие згради денес немаат документи за сопственост, немаат паркинг-места, а многумина живеат во згради без стабилна конструкција, рече Османи.

Според него, корупцијата и урбаната мафија се темелот на колапсот во општината. – Во Чаир имаме случаи каде што станбени згради се легализирани како хотелски апартмани, за да се плати само 7 евра наместо 140. Со тоа е направена милионска штета на буџетот, а Чаир е урбанистички задушен, нагласи Османи.

Османи го осуди процесот на организиран криминал што се одвивал со години, со директна вмешаност на општината и урбаната мафија. Најави јасна и строга политика на раздвојување на дивоградбите на граѓаните, и на инвеститорите што се збогатиле незаконски.

За социјалните градби и куќи нема да има проблем. Но, нова дивоградба, нова зграда без план, под моја надлежност, нема да има. И тоа го ветувам, дури по цена и на избори. Ако тоа не го прекинеме уште во првиот ден, Чаир целосно ќе колабира, истакна Османи.

Османи зборуваше и за долгогодишната злоупотреба на предметите за легализација, кои се користат како средство за политички уцени.

Тринаесет илјади барања за легализација се држат во фиоки и се користат пред избори за уцени: ‘ако ни го дадете гласот, ќе ви ја легализираме куќата’. За шест месеци, таму каде што има правна основа, нема да остане ниту еден предмет. Не смееме да ги уценуваме граѓаните, изјави Османи.

Истакна дека токму тој стои зад најзначајните инфраструктурни и јавни проекти реализирани во Чаир во изминатите години, иако досега не бил дел од локалната власт.

Во однос на актуелниот градоначалник, Османи посочи дека Чаир со години е заробен од истата политика и истите лица, кои не успеале да донесат промени ниту со децении на власт. Тој порача дека Чаир има потреба од целосна промена на менталитетот и начинот на управување.

Поврзани вести