
Бугарскиот премиер Росен Жељазков разговараше со претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, за време на самитот на НАТО во Хаг, пишуваат бугарските медиуми.
„Ја побарав претседателката на Република Македонија бидејќи ставот на Бугарија е дека РСМ треба да биде дел од ЕУ врз основа на сопствените заслуги“, рече Жељазков.
Потсети дека Бугарија строго се придржува до декларацијата од мај 2022 година. „Во оваа смисла, заштитата на правата на Бугарите во РСМ е од клучно значење за нас“, нагласи Жељазков.
Рече дека имал многу добар разговор со претседателката Сиљановска.
„Разговаравме за човекови права, европски вредности. Разговаравме за фактот дека јазикот што го користат функционерите во двете земји треба да всадува пријателство, а не омраза. Ќе си дозволам една аналогија. Целта на нашите пријатели од РСМ не е да го преземат Вавилон, туку да влезат во ЕУ, што се базира на критериумите за членство“, рече Жељазков.