Ставањето на црната листа на САД, на кој било судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт, истакнува денеска Здружението на судии во врска со последните имиња кои беа објавени на црната листа на САД, меѓу кои е и апелацискиот судија Енвер Беџети.
Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред се со Уставот и Законите на нашата земја, но и согласно Меѓународните Закони и препораките на Европската унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо решавање на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата, се наведува во соопштението на Здружението.
Стејт департментот на САД вчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.
Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот. Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.