
Завршено е тестирањето, калибрацијата и верификацијата на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“ во Куманово, информираа на денешната прес-конференција од СВР Куманово. Оттаму наведуваат дека во иднина е предвидено надоградување на системот и поставување на нови камери и функционалност на камерите за детектирање на сообраќајни прекршоци.
Доколку граѓанинот смета дека не го сторил прекршокот има можност да покрене постапка пред судот за прекршоци, при што МВР ќе ги достави сите докази со кои располага и судот е надлежен да се произнесе за исходот од постапката. Инаку, на подрачје на Куманово во текот на 2025 година биле изречени 889 платни налози за управување возило со брзина поголема од дозволената, 1.007 за недозволено паркирање, 29 поминување на црвено светло и 364 нерегистрирани возила, изјави портпаролот на СВР Куманово, Ивана Младеновска.
Отсекот за превенција од Општина Куманово и полициска станица за безбедност во сообраќај на патиштата во текот неделава спроведуваа превентивни активности на различни локации во градот и периферните населби, со цел информирање на возачите и други учесници во сообраќајот за официјално отпочнување на функционирање на безбедносните камери по проектот „Безбеден град“.
Од полицијата апелираат возачите и учесниците во сообраќајот одговорно да се однесуваат, да ги почитуваат правилата, прописите со цел да се намалат сообраќајни незгоди и да се спречат несакани последици, истовремено овозможувајќи слободни тротоари за сите пешаци.

Македонски



