Skip to main content

Засилените полициски контроли во Грција ја зголемија продажбата, но и цената на ПП апаратите во земјава

Freepik

Засилените и построги контроли во Грција ги испразнија рафтовите со ПП апарати во земјата. Двекилски апарати, каквишто соглансо грчките закони, мора да поседувате во возилото, не може да се најде на полиците во продавниците.

ПП апаратите од две кила во изминатите месец, месец и половина ги снемува веднаш кога ќе ги добиеме. Откако на социјалните мрежи почнаа да се споделуваат информации дека грчката полиција казнува за непоседување ваков апарат, почнаа многу да се трошат. Веќе се случува одредено време да немаме, а и набавната цена станува се повисока – вели вработена на бензиска станица.

Возачите бараат од дуќан во дуќан, од бензиска до бензиска за да најдат апарат. Нивната цена се движи од 1100 денари па нагоре. Се продаваат половни за 1000 денари, нови по 1800, па дури и 2000 денари.

Проверував онлајн каде има апарат за да одам да купам. Но ќе видам на сајт дека има, додека на отидам се продал. Поминав четири различни продавници и никаде нема. Ми најавија дека утре ќе имаат, но по нова цена, од 1200 на 1500 денари – вели скопјанец кој викендов заминува на одмор во Грција.

Како што е наведено на Инстаграм страницата на Здружението „Пресретнувач“, сообраќајната полиција во Грција ги казнува и најмалите пропусти. Неопходно е да имате рефлектирачки елек во кабината, а не во багажникот, безбедносен триаголник поставен на 50 до 100 метри, PP апарат (S2 – 2 кг) исправен и со валиден сервис, комплет за прва помош, комплетен и непроменет, и резервно тркало или сет за поправка на гуми.

Низ бензиските станици велат дека зголемена е и потрошувачката на сет за прва помош по европски стандарди. Цената на овој сет се движи од 600 денари нагоре. Она што многу важно е да се внимава на рокот на сетот за прва помош, а казната за тоа е 100 евра. За непоставен триаголник ќе платите 100 евра, за возење во влечки 50 евра, додека за пушење во автомобил со деца казната е дури 1.500 евра,

Од 13 септември Грција воведува уште построги казни. Ќе има најстрог сообраќаен закон досега, кој се однесува на сите – и домашни, и странски возачи. Целта на новиот закон е да се пресечат ризичното однесување во сообраќајот, особено користењето мобилен телефон додека се вози, што сè почесто води до тешки несреќи.

Ако досега грчките полицајци ви ја одземаа возачката дозвола на два месеца поради користење мобилен, од есен следува вистински шок. Новиот закон воведува и казни до 4.000 евра за користење мобилен телефон. На пример, првиот пат кога полицијата ќе ве фати со телефон зад воланот, ќе бидете казнети со 350 евра, а вашата возачка дозвола ќе биде одземена еден месец. Втор прекршок носи казна од 1.000 евра и шестмесечна забрана за возење, додека трет носи дури 2.000 евра и забрана за возење од една година.

Ситуацијата станува уште посериозна ако употребата на телефонот доведе до сообраќајна несреќа. Во тој случај, казната може да биде до 4.000 евра, а возачката дозвола ќе биде одземена до 8 години. Доколку несреќата има сериозни последици, законот предвидува и затворски казни – од 10 години за тешка телесна повреда, до 20 години за смрт. Доколку се повредени повеќе од едно лице, можна е дури и доживотна казна затвор.

Поврзани вести