
Врз основа на Одлуката за распределба на социјални станови, како и условите за нивно користење, изградени по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на државата, во тек е огласот на Министерството за транспорт, со кој треба да бидат распределени 47 станови во Дебар.
Социјалните станови, со површина од 34 до 54 квадратни метри, се во станбенa зградa на улицa „Нормалја е Елбасанит“ без број, во Дебар а се изградени по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Македонија, а согласно рамковниот договор за заем склучен меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Република Македонија“, наведуваат од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
Оттаму објаснуваат дека барање за добивање на социјален стан за користење под закуп може да поднесе лице – државјанин на Република Македонија, со постојано место на живеење во општината, како и лице кое е без стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на државава.
Корисници на социјални станови може да бидат следните категории на граѓани кои се станбено необезбедени: Деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители, корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, како и лица припадници на ромската заедница“, нагласуваат од Центарот.
Тие посочуваат дека заинтересираните за сите потребни информации може да се јават во просториите на центарот во Дебар, кој со својата активност ја покрива и Општина Центар Жупа.
Социјалните станови ќе се распределуваат согласно Методологијата за бодирање на кандидати за добивање на социјален стан под закуп, огласот завршува на 20 овој месец а документите се доставуваат до центарот во Дебар.
Во Дебар ова е втора стамбена зграда наменета за споменатите категории, првата зграда која се наоѓа во населба „Венец 2“ на излезот од Дебар кон Струга, е дадена во употреба пред две децении.

Македонски

