Skip to main content

Во Скопје се одржува меѓународен настан за женско лидерство и европската перспектива на регионот

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, во соработка со фондацијата „Конрад Аденауер“, од 17 до 19 април во Скопје организира меѓународен настан посветен на унапредување на женското лидерство и зајакнување на европската перспектива на Западен Балкан.

Настанот обединува политичарки, носители на одлуки, експерти и претставници од регионот и Европа, со цел размена на искуства и зајакнување на улогата на жените во процесите на донесување одлуки.

Официјалното отворање се одржа денеска, 18 април, со обраќања на пратеничката и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, официјалниот претставник на фондацијата „Конрад Аденауер“ во земјава, Даниел Браун, како и пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. На настанот преку онлајн обраќања се вклучија и претседателката на EPP Women и поранешна европска комесарка, Мајрид Мекгинис, како и генералната секретарка на Европската народна партија и пратеник во Европскиот парламент, Долорс Монсерат.

Во рамки на програмата, дискусиите се фокусирани на актуелните геополитички и безбедносни предизвици и нивното влијание врз процесот на проширување на Европската Унија, со посебен акцент на улогата на женското лидерство во овие процеси. Дополнително, се отвора дебата за енергетската транзиција, транспортната поврзаност и нивното значење за забрзување на европската интеграција на регионот.

Дел од програмата е посветен и на улогата на жените во науката, технологијата и иновациите, со цел градење мостови меѓу Западен Балкан и Европската Унија во овие области.

Преку интерактивен формат и размена на искуства, организаторите очекуваат настанот да придонесе за зајакнување на регионалната соработка, поддршка на европските политики и унапредување на учеството на жените во процесите на донесување одлуки.

Во своето обраќање, Даниел Браун истакна:

„Како директор на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во земјата со задоволство изразувам поддршка на конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ која е партнер на организацијата на жени на Европската Народна Партија. Живееме во време на предизвици, како во поглед на геополитичката безбедност, така и во поглед на големите општествени промени предизвикани од новите технологии како што е вештачката интелигенција. Во таа насока, важно е да се има широк, но и диференциран пристап кон темите. Учеството на високи гости од земјите во регионот, како и учеството на претставници од Брисел, се доказ дека овие теми заслужуваат огромно внимание. Како раководител на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер, би сакал да се заблагодарам за долгогодишната успешна соработка со Жаклина Пешевска и со Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ“.

Поврзани вести