
Општина Македонска Каменица успешно ја заврши целосната реконструкција на спортската сала во гимназијата „Миле Јаневски – Џингар“, додека паралелно започна реализацијата на проектот за изградба на ново јавно осветлување на улицата 28 Август.
Градоначалничката Соња Стаменкова изврши увид во реконструираната спортска сала и официјално го означи завршувањето на градежните активности.
Со реконструкцијата се создадени подобри услови за одржување на наставата по физичко образование, како и за спортски и рекреативни активности на учениците.
Секое вложување во образовната и спортската инфраструктура е директна инвестиција во иднината и развојот на младите – истакна Стаменкова.
Паралелно со овој проект, како што најави таа, започна и изградбата на ново јавно осветлување на улицата 28 Август.
Градежните активности опфаќаат и комплетно осветлување на паркинг-просторот лоциран помеѓу Основното општинско училиште „Св. Кирил и Методиј“ и паркот на Рудари, додаде Стаменкова.
Според предвидениот план, градежните работи за новото осветлување се очекува да завршат до средината на декември, со што дополнително ќе се зголеми безбедноста и ќе се подобрат комуналните услови за сите жители во овој дел од градот.

Македонски



