
Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше денеска нема да има гласање. Причината е недоволниот одзив на гласачи во првиот круг, поради што ќе се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025.
Според Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи – услов за изборите да се сметаат за успешни. Во Гостивар одзивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49%.
Согласно член 132 став (2) од Изборниот законик, во вакви случаи се повторува целата изборна постапка, а повторените избори ќе се одржат во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати, без повторно условување со цензусот од една третина, како што е предвидено со член 132-а.
Во меѓувреме, денеска се гласа во 32 општини и во Градот Скопје, каде што се одржува вториот круг за избор на градоначалници.
Во првиот круг беше извршен избор во 44 општини.

Македонски







