
Тендерите во 4 очи се синоним за СДС, велат во писмено соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Оние кои државата ја испокрадоа и градат облакодери по Дубаи, се дрзнаа да говорат за тендери.
Целиот мандат им помина во местење на тендери, правење на анекси и класифицирани договори, на Филипче, Заев и Груби.
Модуларната болница се случи поради криминал, трагедијата кај Ласкарци се случи поради корупција, Лотарија ја украдоа поради криминал, коли им купуваат фирми кои добиваат тендери.
И Македонија и Европа знае со какви луѓе си имаа работа. Луѓе кои ја распродадоа државата, ја украдоа и ставија пред банкрот и кои ја клекнаа на колена пред европските држави. Такви се луѓето од СДС и ДУИ. Синоним за криминал и корупција.
Претходно портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска на прес конференција рече дека скандалот со тендерот вреден 1,8 милиони евра, што Владата на Христијан Мицкоски го распиша за промоција на настан кој ќе се случи дури во 2027 година, станува сè поголем и посрамен.
Тендерската документација покажува дека таа е полна со услови кои отвораат сериозен сомнеж дека тендерот е однапред наместен за одредена компанија. Тендерот очигледно е уште еден механизам за Владата да си избере „своја“ маркетинг агенција преку која ќе се одвива и финансира претстојната изборна кампања.
Дали затоа уште сега, две години пред настанот во Белград, се избира агенција и се потпишува договор? Дали затоа се брза со оваа набавка и се трошат милиони на граѓаните, кога приоритети во државата има многу, а пари за нив нема?
Дали ова е уште една шема на ВМРО-ДПМНЕ за со јавни пари да си обезбеди медиумски простор, билборди, реклами и инфраструктура за изборната кампања во октомври?
Ова е уште еден доказ дека власта ја гледа државната каса како партиска своина, а јавните набавки како начин да си ги плати своите политички потреби.
Ги прашуваме јавно:
– Зошто две години пред настанот се бира агенција и се потпишува договор?
– Колку пари ќе завршат за вистински промоционални активности за настанот, колку во џебовите на ВМРО-ДПМНЕ, колку ќе се потрошат за изборната кампања во октомври?Уште утре ќе излеземе со целосна анализа на тендерската документација и ќе ги изложиме сите сомнителни услови со кои е наместен овој тендер за „своја“ агенција.
Ова е уште еден пример за ароганцијата и безобразието на оваа власт – додека граѓаните едвај преживувате, тие веќе се подготвуваат со народните пари да си ја финансираат својата кампања. За секој денар потрошен за оваа срамна манипулација ќе бараме одговорност.