
ВМРО-ДПМНЕ ја повика СДС да преземе одговорност за, како што наведуваат, скандалот со загадената вода во Гостивар, оценувајќи дека функционери поддржани од опозициската партија се осомничени за загадувањето, поради кое, според нив, илјадници граѓани побарале лекарска помош.
„СДС мора да понесе одговорност за скандалот во Гостивар, затоа што функционери поддржани од нив денес се сомничат дека ја загадија водата во градот и околината, со што илјадници граѓани завршија во болниците“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека претседателот на СДС, Венко Филипче, нема кредибилитет да зборува за здравствени политики, наведувајќи повеќе примери од периодот кога беше министер за здравство.
Според партијата, за време на ковид-кризата Македонија била меѓу земјите со највисока смртност, а Филипче, како што тврдат, наместо да се фокусира на набавка на вакцини, договарал провизии. Во соопштението се потсетува и на пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица, како и на нереализираниот проект за нов Клинички центар.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително обвинуваат дека наместо инвестиции во нови операциони сали, медицинска опрема и болници, Филипче „делел тендери на блиски лица, чувал апарати во подруми и се исмејувал со маката на граѓаните“.
„СДС и Филипче да размислат пред да зборуваат за здравјето на граѓаните. Поради нив изгубивме илјадници граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонски



