Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Јавното обвинителство да испита дали милионските трансфери кон „Жан Митрев“ биле подготовка за профитабилен бизнис на Филипче

Во СДСМ – ништо ново. Случајот кој во изминатиот период почна да излегува на површина и за кој јавно говореше сопственикот на приватната болница „Жан Митрев“, д-р Жан Митрев, е уште една илустрација за начинот на кој функционирала претходната власт предводена од Зоран Заев.

Според јавно изнесените наводи, актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, додека бил министер за здравство, имал амбиција да влезе во приватниот здравствен бизнис, односно да поседува приватна болница, за што бил подготвен да преземе конкретни чекори.

Во таа насока, Филипче и неговиот политички ментор осмислиле шема како, под превезот на законитост, да се преземе приватната болница на д-р Жан Митрев. Според тврдењата, на сопственикот му било ветувано дека ќе му се помогне во судските постапки и дека ќе биде ослободен од обвиненијата, во период кога против него се водел активен судски процес, со блокирани сметки и забрана за отуѓување на болницата.

По осмислувањето на планот, на д-р Митрев му било овозможено да продава удели во болницата.

Фактот што Венко Филипче бил министер за здравство во период кога трансферите од државниот буџет кон оваа приватна болница драстично се зголемувале, додека сопственикот се соочувал со притисоци и „понуди за помош“ во судските постапки, отвора сериозни сомнежи за злоупотреба на функцијата и судир на интереси.

Се поставува логичното прашање: дали целта била, по евентуално преземање на болницата, Филипче да наследи веќе разработен и профитабилен приватен бизнис?

Доколку Филипче се посветеше на јавниот интерес и на обврските кои произлегуваат од функцијата министер за здравство, наместо на приватни амбиции, македонското здравство немаше да биде доведено до состојба на колапс.

Затоа, ВМРО-ДПМНЕ бара Јавното обвинителство да ги разгледа сите индиции за можна изнуда, злоупотреба на службена положба и сторен криминал во овој случај.

Поврзани вести