Вакциналните пунктови низ државава се соочуваат со недостиг од кадар. Од Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, во изјава за МИА велат дека на територија на градот Скопје, но и во државата, генерално, постои голем дефицит на медицински сестри насекаде, вклучувајќи ги и пунктовите за вакцинација. Од Министерството за здравство пак, потенцираат дека се работи на обезбедување на неопходниот кадар во сите здравствени установи.
Според податоците со кои располага Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, во општина Гази Баба, како една од поголемите општини со голем број пунктови, недостасуваат сестри во претшколските и во школските диспанзери, а во општина Прилеп недостасуваат две, односно четири медицински сестри во овие диспанзери.
Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, за МИА вели дека во овој момент, едно од можните решенија за да се надмине проблемот е правилната прераспределба.
Од општините каде има доволен и непотребен број медицински сестри, истите да се прераспределат во здравствените домови каде што недостасуваат на територија на град Скопје. На пример, со случајот во општина Прилеп, каде до 15 јануари, шест доктори од концензионерските ординации заминаа во пензија, зад себе оставија медицински сестри кои во моментов се без работа. Со нивно вработување, како искусни медицински сестри, може веднаш да се надополни дефицитот, истакнува Бешлиовска.
Како што додава Бешлиовска, едно од главните решенија е и континуираното организирање конкурси за вработување и тоа не само во овој дел, туку на сите нивоа во здравствениот систем.
И тоа не само во овој дел, туку и во патронажните служби, како и во стационарите на секундарно и терциерно ниво на здравствениот систем. Заклучокот е дека сепак, превенцијата е најважна. Само еден грам превенција спречува тони лекувања, а нам ни е најважно да направиме сè за доброто на корисниците на услугите, односно за пациентите, нагласува Бешлиовска.
МИА се обратила и до Министерството за здравство, од каде побарале одговор дали има недостиг на кадар во пунктовите за вакцинација низ државава. Во одговорот којшто го добивле оттаму се вели дека сите пунктови функционираат согласно потребите на населението и вакцинацијата се спроведува непречено.
Министерството за здравство континуирано работи на обезбедување на неопходниот кадар во сите здравствени установи. Континуирано се реализираат обуки на кадарот за вакцинација, зајакнати се инфраструктурните капацитети, со цел да се одговори на сите предизвици и да се обезбеди непречена и ефикасна вакцинација во целата држава, се наведува во писмениот одговор на Министерството за здравство.