
Поради големиот интерес за првиот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу АЕК и Алкалоид закажан за в недела во Атина, домаќините денеска соопштија дека ќе бидат отворени дополнителни блокови и пуштени во продажба дополнителни билети, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, досега се продадени околу 3.000 карти.
Натпреварот ќе се одигра во олимписката сала „Сунел Арена“, продажбата на билети започна во вторникот и како што објави МИА се по цена од 10, 15 и 40 евра во ВИП делот.
Денеска пак, два дена откако беа пуштени во продажба, голем дел од билетите веќе се распродадени, па домаќините отворија уште два блока од една од трибините, со што засега, отворени за гледачи се 12 од 44 блока од трибините во салата, а доколку бидат исполнети, ќе се отворат и дополнителни.
– Со брзо темпо продолжуваат да се продаваат билетите за првото европско финале на Европскиот куп на ЕХФ против Алкалоид, кое ќе се одржи во „Сунел Арена“ во недела, 18 мај во 19:00 часот. Поради големата побарувачка, АЕК информира дека се отворени и блоковите 3 и 10 од салата! Ве повикуваме сите да го поддржите нашиот тим на патот кон европскиот успех, соопштија од АЕК.
Извори од клубот за МИА посочија дека досега се продадени околу 3.000 билети.
Натпреварот АЕК-Алкалоид во Атина е закажан за 19 часот по локално, 18 часот по македонско време, а реваншот во Скопје ќе биде една седмица подоцна, на 25 мај во спортската сала „Борис Трајковски“.
Салата „Сунел Арена“ во западниот дел на Атина, изградена за Олимписките игри одржани во 2004 година, а реновирана пред четири години, има капацитет да прими околу 9.000 гледачи, а од 2019 година ја користи КК АЕК за натпреварите во грчката кошаркарска лига, но е приспособена за одржување и на ракометни натпревари