Skip to main content

Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата на Левица со која се оспоруваат точки од Упатството за радиодифузерите за локалните избори

Уставниот суд денеска не поведе постапка по иницијативата на политичката партија Левица, со која се оспоруваат точките 3 и 10 од Упатството за радиодифузерите за локалните избори за 2025 бр.01-4137/1 од 26.09.2025 година, донесено од Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Судот на денешната седница оцени дека е усогласено со Изборниот законик.

Упатството во хиерархијата на правните прописи е подзаконски акт. Подзаконските акти се потчинети на повисоките акти, односно на законските одредби. Ова Упатство не е ништо друго, освен пресликување на законската одредба. АВМУ доколку постапела како што во наводите од иницијативата предлага подносителот на иницијативата, односно минутажата да биде распределена на трите партии што имаат пратенички групи од власта и на трите што во опозиција. Во тој случај, АВМУ би си ги пречекорила своите законски овластувања. Агенцијата била должна да го донесе ова Упатство. Ова Упатство е втемелено на закон, има и законско овластување и во суштина само ја операционализира законската одредба од членот 75 ѓ од изборниот законик. Тоа значи дека нема никаков проблем со законитоста на ова Упатство, истакна на денешната прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. 

Тој потенцира дека уставноста на ова Упатство е сосема друго прашање.

Кога е во прашање уставноста на ова Упатство на сцена стапуваат други две околности кои ги спомнав. Првото е уставно- судската пракса. Овој Суд во 2022 година постапувајќи по иницијатива го има оценето уставноста на членот 75 ѓ и одлучил да не поведе постапка Сега повторно истиот подносител на иницијативата кој е одличен правник, некој за жал го злоупотребува доброто познавање на правото з аполитички цели, повторно ни го оспорува членот 75 ѓ. За волја на вистината, јас сум еден од судиите не мислел така како мнозинството судии во 2022 година и за тоа имам напишано издвоено мислење. Не можам да предвидам каква ќе биде одлуката на судот кога ќе постапува по втората иницијатива за оценка на членот 75 ѓ од Изборниот законик. Секако дека би бил среќен доколку моето издвоено мислење, тоа е целта на издвоените мислења во еден момент да станат мнозински мислења. Меѓутоа, јас не можам да го предвидам. И таа е битна околност која ја имавме во предвид, изјави Костадиновски.

Како што напомена тој, третата околност е коинциденцијата што ова Упатство било оспорено на два дена пред изборниот молк.

Кога судот носи одлука, сум го кажал ова многу пати, тој во предвид ги зема сите можни правни последици од неговата одлука. За волја на вистината, подносителот на иницијативата како добар познавач на правото имал четири години можност да иницира законодавната акција, бидејќи тој истовремено е и пратеник. Значи, имал четири години да иницира законодавна акција, да предложи измени и дополнувања на Изборниот законик за тоа како ќе се распределува минутажата што им е одредена со закон. Меѓутоа, тоа не го сторил во изминатите четири години, го сторил во тек на изборниот процес. За јавноста да знае, судот постапува по таа иницијатива. Исходот не можам да го предвидам, рече тој. 

Тој упати апел до подносителот на иницијативата – претседателот на Левица Димитар Апасиев, да покаже поголема политичка, правна и академска култура.

Сакам да упатам апел бидејќи станува збор за подносител на иницијатива пратеник, професор, треба да покаже поголема и политичка, правна и академска култура. Тој често користи несоодветен и некоректен речник квалификувајќи ги постапките на Уставниот суд. Некогаш кога е задоволен од одлуките е во ред, некогаш не е во ред. Моето лично очекување е дека кога станува збор за пратеник, професор, лидер на партија, сепак треба да се покаже една повисока политичка, правна и академска култура. Ова се фактите на кои се темелеше денешната одлука, рече тој.

Костадиновски нагласи дека негово издвоено мислење е и оти со буџетски пари не треба да се финансира политичка кампања.

Не само тоа. Што значи критериумот „резултат од претходните избори”? Што значи во период од 4 години може да се појават нови политички субјекти и некои да згаснат, а плурализмот налага фер и еднакви услови за сите. Со спортски термин да кажам, некои политички партии ја почнуваат утакмицата со 3-0 предност, а некои политички субјекти кои се создале во меѓувреме и уживаат поддршка кај граѓаните можеби не добиваат ништо. Тоа е едната страна и лично мое мислење како судија, мој личен став и така ве замолувам да пренесете, рече тој. 

Костадиновски смета дека со народни пари премногу се плаќаат политичарите.

Им се плаќа политичката кампања со буџетски пари, со Законот за финансирање на политички партии откако ќе завршат изборите по број на освоени гласови повторно со буџетски пари се плаќа, тие што се власт, тие што се опозиција земаат плати трипати со буџетски пари и откако ќе заврши мандатот некои функционери имаат право на апанажа, тоа се четири пати. Јас од тој аспект како судија го имам проблематизирано прашањето дали постои легитимна цел, дали е оправдано, дали е нужно?, нагласи Костадиновски.

Во иницијативата се наведува дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го издала упатството со цел да им го појасни начинот на примена на одредбите од Изборниот законик за распределба на времето за платено политичко рекламирање (ППР) за локалните избори 2025, меѓутоа го направила произволно и не ги опфатила сите политички партии од позицијата туку само поименично наведените од оспорената точка 3 од Упатството.  Се тврди дека на овој начин е оневозможено платеното политичко рекламирање на партијата „Левица” и на политичката партија ЗНАМ.

Подносителот на иницијативата тврди дека АВМУ при уредување на спорните одредби свесно користи термини како „може” и „најмногу” кои не треба да се толкуваат рестриктивно и во буквална смисла, бидејќи на тој начин не треба да се обезбеди исклучиво право на некого или автоматска распределба на сите осум минути во медиумскиот простор на однапред утврдени две политички партии од позиција и опозиција.

Подносителот во иницијативата се повикува, меѓу другото и на член 70 став 2 од Изборниот законик согласно кој учесниците во изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на известување.

Поврзани вести