
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) и Обединетите нации денеска во Скопје потпишаа Заедничка декларација за проширување на соработката во поддршка на остварувањето на Целите за одржлив развој 2030 и да се придонесе кон визијата на Националната стратегија за развој, соопшти УКИМ.
Ректорката проф. д-р Биљана Ангелова ја истакна значајноста на овој настан, нагласувајќи дека со потпишувањето на оваа заедничка декларација, нашиот универзитет ја продлабочува својата соработка со Обединетите нации во поддршка на патот на Македонија кон Агендата 2030 за одржлив развој. Заедно ќе ја унапредуваме научната дејност, ќе поттикнуваме иновации и ќе ги прошириме можностите за ангажман на студентите, обезбедувајќи знаењето создадено во академската заедница да се преточи во конкретни придобивки за општеството и да се придонесе кон поодржлива и поинклузивна иднина, се наведува во соопштението.
Д-р Рита Колумбија, резидентен координатор на ОН, посочила дека „еден клучен аспект на забрзувањето на Целите за одржлив развој е тоа што нивното постигнување во голема мера зависи од широката соработка“.

Во вистинскиот дух на Целта за одржлив развој 17, ми претставува чест да ја потпишам оваа декларација за намера, која нуди бројни можности за академијата и младите да го зголемат својот придонес кон просперитетот на земјата, а Универзитетот и тимот на Обединетите нации во земјата дополнително да ја прошират соработката, изјавила Колумбија.
УКИМ во соопштението наведува дека соработката помеѓу Универзитетот и Обединетите нации ќе се реализира преку различни форми, вклучувајќи промоција на националната експертиза и истражувања, идентификација на најдобри практики и акцелератори, следење и анализа на податоци, кампањи за подигање на јавната свест, стручна дебата за одржливоста, академска соработка и ангажман на студентите преку практикантска работа, волонтирање и менторство.