Skip to main content

Учество на НГШ на Армијата на Конференција на Воениот комитет на НАТО

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, утре, 14.05.2025 година, во седиштето на НАТО во Брисел, Кралство Белгија, ќе учествува на конференцијата на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови.

Воениот комитет, со кој ќе претседава претседавачот на ова тело на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, ќе го отвори генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе ги изнесе клучните приоритети и предизвици со кои се соочува Алијансата.

На конференцијата, покрај претставниците од 32-те земји членки на НАТО, ќе присуствуваат и командантите на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа и Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација.

Конференцијата ќе се одвива во неколку сесии, а на дел од нив генералот Лафчиски ќе има и свое обраќање.

Воениот комитет на НАТО претставува највисоко воено тело на Алијансата и е најстарото постојано тело на НАТО по Северноатлантскиот совет. Ова тело заседава во различни формати, а највисокиот формат е на ниво на началници на Генералштабови, кој вообичаено заседава три пати годишно, два пати во седиштето на НАТО и еднаш во земја членка на НАТО.

Поврзани вести