
Три дискотеки се затворени бидејќи не ги исполнуваат потребните технички услови за да им биде издадена лиценца и да можат да работат. Портпаролката на Владата Марија Митева денеска на прес-конференција кажа дека во моментов се прават контроли во уште девет дискотеки кои имаат добиено лиценци.
„На трите дискотеки ќе им биде одземена лиценцата и ќе им бидат изречени сите максимални казни. Откако ќе завршат проверките на оние кои имаат лиценци, ќе се премине во контрола на сите оние кои немаат лиценца, но во минатото работеле“, рече Митева.
Само 22 дискотеки низ државата имаат лиценци за работа, утврдено е при контролата на Пазарната инспекција која беше спроведена после пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 59 лица главно на возраст од 14-25 години. Кај 15 клубови констатирано е дека лиценцата им е истечена.
Во Скопје се проверени 13 објекти, од кои само 2 поседуваат важечки лиценци за кабаре, 8 имаат истечени лиценци, а 3 објекти немаат никаква лиценца. Во Куманово има 3 објекти, сите со важечки лиценци за кабаре. Во Штип, Виница и Делчево по еден објект е регистриран како кабаре и сите поседуваат важечки лиценци.
Во Струмица има 4 објекти од кои 2 со важечки лиценци за диско-клуб, еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор, а еден со истечена лиценца. Во Гевгелија имам еден објект со истечена лиценца. Во Велес има еден објект со важечка лиценца за диско-клуб и еден со важечка лиценца за кабаре.
Во Битола има четири објекти и три со важечки лиценци за кабаре, а еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор. Во Прилеп има два објекта, и двата се со истечени лиценци. Во Кавадарци има еден објект со важечка лиценца, а во Неготино еден објект со истечена лиценца.
Во Охрид има четири објекти од кои два со важечки лиценци, еден со важечка лиценца за диско-клуб, а еден објект е без лиценца. Во Кичево има еден објект со важечка лиценца за кабаре. Во Гостивар има еден објект со истечена лиценца. Во Тетово има шест објекти, од кои за четири нема податок, а два се со истечени лиценци.