
Годинава се навршуваат илјада и седумстотини години од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година, а на кого присуствувале и тројца македонски епископи: Александар, Епископ на Солун, Будиј, Епископ на Стоби и Дакиј, Епископ на Скупи.
Присуството на македонски епископи на овој Собор е историски показател за длабоките корени на христијанството во Македонија, односно за тоа дека во тој период, на нашиве простори веќе постоел организиран христијански живот со добро раководена Црква и црковна заедница. Токму заради тоа, во сабота, на 31. 5. 2025 г. денот спроти Неделата на светите отци од Првиот вселенски собор, во Археолошкиот локалитет „Стоби“ ќе се отслужи Света Божествена Литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со повеќе македонски архијереи и со бројно свештенство.
Ги повикуваме сите православни верници од нашата Татковина Македонија да го збогатат со своето присуство овој светол и свечен настан, со што во заедничка радост, соборно ќе ја прославиме 1700-годишнината од одржувањето на историскиот Прв вселенски собор.