Skip to main content

Студентскиот сојуз на Правен факултет: Срамна злоупотреба на трагедијата, ФСС на Филозофски го користи револтот за политички поени

Студентскиот сојуз на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје остро реагира на, како што велат, злоупотребата на трагедијата во Кочани од страна на Сојузот на студентите на Филозофскиот факултет. Во нивната изјава, која доби поддршка и од останатите студентски претставници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се посочува дека болката и револтот на студентите се користат за стекнување политички поени.

„Во моменти на национална трагедија, кога тагата не обединува, недозволиво е некои поединци да се обидуваат да ја насочат студентската енергија во политички манипулации. Ова не е време за калкулации и профитирање, туку за сплотеност и почит кон жртвите,“ се вели во реакцијата од Студентскиот сојуз на Правен факултет.

Тие нагласуваат дека легитимниот студентски гнев треба да биде насочен кон институционални промени и подобрување на системот, а не кон политички агенди кои немаат никаква врска со интересите на студентите.

„Правдата не смее да се инструментализира за лични цели. Бараме одговорност од сите што се обидуваат да ја искористат оваа трагедија за свои интереси, а воедно апелираме до студентите да останат доследни во својата борба за вистината, без да бидат вовлечени во партиски сценарија,“ се додава во изјавата.

Оваа реакција, како што велат, е поддржана од претставници на студентските организации од целиот УКИМ, кои ја повикаа академската заедница да не дозволи трагедијата да биде злоупотребена за политички цели.

Ваквата реакција доаѓа откако ФСС на Филозофскиот факултет при УКИМ изгласа недоверба на делегатите на УСС УКИМ.

Овој модел на студентско претставување е истрошен.Експериментот со УСС заврши, студентите на УКИМ ќе се самоорганизираат пленумски. Тоа за кое пред деценија студентите се бореа, никогаш не го добија. Наместо автентично претставување на студентскиот интерес го добивме зависниот бирократски лавиринт наречен УСС на УКИМ“, соопштија пред неколку дена од Независното Студентско Собрание на УКИМ додавајќистудентите дека не можат да имаат претставнички тела контролирани од властите и партиите.

Поврзани вести