
На 18-тата сесија на Форумот за малцински прашања на Обединетите нации, што се одржа во Женева, покрај лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, учествуваше и Стојко Стојков, претставник на Македонците во Бугарија, од ОМО Илинден Пирин.
-Јас сум Стојко Стојков, Македонец од македонското малцинство во Бугарија кое денес се бори за основно признавање на своето постоење. Откако официјално бевме признати како малцинство во Бугарија и уживавме некои права, подоцна бевме прогласени за непостоечки, прогонувани како предавници и асимилирани под комунистичкиот режим. Денес во демократска Бугарија нашето постоење останува негирано – политика утврдена со две парламентарни декларации и една одлука на Уставниот суд, рекол Стојков во своето обраќање.

Ова, додал, резултираше со стотици судски одлуки кои го толкуваат секое тврдење дека македонското малцинство постои како закана за нацијата, државата и безбедноста. Поради тоа, не постои регистрирана партија или организација на македонското малцинство, без оглед на 14 пресуди во Европскиот суд за човекови права против Бугарија.
-Самото наше постоење го крши официјалниот наратив и се дочекува во медиумите и општеството со говор на омраза, прикажувајќи ги Македонците како национални предавници, странски агенти и непријатели, морални дегенерици и ретардирани. Таквиот говор е нормализиран и никогаш не се казнува, посочил тој.
Нагласил дека сето ова го исклучува малцинството од општествениот и политичкиот живот, кое „не може да се претставува себеси, ниту некоја друга партија се осмелува да се залага за правата на Македонците“.

-Македонците денес немаат никакви малцински права во Бугарија, а државата отфрла секаков обид за дијалог со нив, и покрај сите препораки на институциите за човекови права. Бидејќи Европската Унија ги остави малцинските права на милост и немилост на националните држави, тоа де факто се претвори во европски благослов за оваа политика на негирање, асимилација и дискриминација кон едно малцинство во рамките на Европската Унија, навел Стојков.
Според него „оваа политика создаде конфликт со Македонија и ја блокира нејзината евроинтеграција, загрозувајќи ја регионалната безбедност”.
-Оваа политика придонесува за создавање индустрија за корупција од милијарда евра со трговија со бугарски државјанства. Оваа политика против Македонците денес е последната тоталитарна комунистичка политика во Европската Унија и мора да престане, порачал Стојков, пренесува весникот „Илинден“.

Македонски






