Skip to main content

Софија Куновска: Конгресот на СДСМ беше театар на апсурдот без смисла и катарза

Актерката и поранешна функционерка на СДСМ, Софија Куновска, со остра и метафорична критика го оцени вчерашниот Конгрес на Социјалдемократскиот сојуз, нарекувајќи го „театар на апсурдот“ и уште една реприза на политичката агонија на партијата.

Според Куновска, Конгресот воопшто не наликувал на сериозен политички настан, туку на слабо режирана претстава, одамна напишана и безброј пати повторена, во која сцената е полна, а смислата целосно отсутна.

Таа смета дека обраќањето на партискиот лидер било далеку од автентичен политички говор и повеќе личело на механички склоп од носталгија и алгоритам, со елементи на одамна пресликани партиски фрази од минатото. Според неа, денешната реторика била „лошо синхронизиран дубл“ на некогашните настапи, без страст, уверување и јасна политичка порака.

Куновска посочува дека наместо суштинска дебата, на Конгресот била изведена кореографија на привидна поддршка, со, како што наведува, однапред подготвени говори, аплаузи по команда и создавање илузија на ентузијазам. Таа оценува дека таквиот пристап ја заменил вистинската политичка расправа и критичкото преиспитување.

Најконтроверзен момент, според Куновска, било обвинувањето на внатрепартиските критичари за наводна соработка со ВМРО-ДПМНЕ, иако, како што наведува, токму актуелното раководство било вклучено во идеи и калкулации за можна широка коалиција со истата партија. Ова таа го оцени како апсурдно и без политички кредибилитет.

Во својата реакција, Куновска истакнува дека Конгресот не донел катарза, ниту обединување, туку напротив – официјализирање на поделбите во партијата. Наместо нов почеток за СДСМ, таа смета дека настанот го продлабочил чувството на политички застој и агонија.

Таа посебно се осврнува на, како што вели, лажните очекувања за „голем бунт“ и драматичен пресврт, посочувајќи дека луѓето кои со години биле дел од партиските структури на моќ не можат да бидат носители на суштински промени.

Најтрагичната улога, според Куновска, им припаѓа на искрените и чесни членови на СДСМ, кои, како што вели, се заложници на сценарио во кое партијата мора да остане политички парализирана, сè додека во заднина не се реализираат одредени политички и правни калкулации.

„По последниот аплауз, Бихаќка ќе остане како празна сала по завршена претстава – без публика и без вистинска политичка вредност“, порачува Куновска, додавајќи дека одговорност за ваквата состојба, според неа, не лежи исклучиво во СДСМ, туку и кај одредени структури во ВМРО-ДПМНЕ кои, како што наведува, тивко ја поддржуваат оваа состојба од сенка.

Поврзани вести