Skip to main content
Тркалезна маса

Со сегашното темпо на „затворање“ на родовиот јаз, на Македонија ќе и требаат 57 години да постигне родова еднаквост

Жените во Македонија се уште се гледаат како некој што треба да се грижи за семејството, а мажите како некој што треба да заработува. Предрасудите и стереотипите доминираат, а со сегашното темпо на „затворање“ на актуелниот родов јаз, на државава ќе и требаат 57 години за да постигне родова еднаквост, беше речено на денешната тркалезната маса „Унапредување на родовата еднаквост во лидерството и управувањето“ што се одржа во Стопанската комора. 

Како што истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божниновска, моментно во македонската Влада има три жени, пет жени се заменички-министри, а земјава има жена претседател на државата, а имаше и жена гувернер.

Во Македонија преземаме конкретни чекори за усогласување со Директивата на ЕУ за жени во управните одбори и за зајакнување на улогата на жените во процесот на донесување одлуки во јавните институции и државните претпријатија. Сепак, исто така признаваме дека трансформацијата бара повеќе од регулатива – бара застапеност, менторство и храброст, рече  Божниновска. 

Таа дополни дека тоа е дискусија за моќта – кој ја држи, како се споделува и како градиме системи каде што жените не се исклучок, туку правило во лидерството.

Како амбасадор на Алијансата на жени во управните одбори за Македонија, длабоко верувам дека родовата еднаквост не е само прашање на праведност, туку е прашање на напредок. Податоците се јасни: компаниите со разновидно лидерство работат подобро, иновираат повеќе и градат посилна доверба со своите заедници. Но, исто така знаеме дека законите и политиките сами по себе не можат да ја променат културата. Потребна е посветеност – од владите, бизнисите и од секој од нас – за да се отворат вратите што беа затворени предолго, рече Божиновска.  

Министерката напомена дека поддршката е многу важна. Жените треба да добијат шанса, а професионализмот, компетентноста и квалитетот се од суштинско значење.

Премногу често, жените никогаш не добиваат можност да докажат дека ги поседуваат. Тоа што сум на лидерска позиција ми дава привилегија и одговорност отворено да зборувам за ова и да влијаам на промените. Силно се залагам повеќе жени да добијат можност да водат, да управуваат и да покажат што се способни. Ако мене ме прашувате, бројките сè уште не се доволно добри. Во нашата Влада, моментално има само три жени министерки. Во одборите на енергетските компании, бројот на жени останува многу мал. Сепак, со гордост можам да кажам дека почнавме да го менуваме ова одвнатре. Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси кое го водам, ​​денес е Министерството со најголема рамнотежа во однос на половите во Владата. Вработуваме повеќе жени отколку мажи, од кои многумина се на високи и менаџерски позиции, подвлече Божиновска.

Како што беше речено на тркалезната маса, Директивата на ЕУ за жени во управни одбори предвидува две јасни патеки на усогласеност за котираните компании: најмалку 40 отсто од местата на неизвршните директори или 33 проценти од сите позиции во одборите да им припаѓаат на помалку застапениот пол до 30 јуни 2026 година, со задолжително годишно известување, корективни мерки и, каде што е потребно, санкции како парични казни или поништување на именувања што не се во согласност со регулативата.

Евроамбасадорот Михалис Рокас во обраќањето рече дека Македонија како земја кандидатка за членство во ЕУ има направено напори за унапредување на родовата рамноправност со зголемување на женското учество во политичкиот и јавниот живот, но имплементацијата, оцени, се уште не е рамномерна.

Неодамнешните избори го покажа тоа. Можеше нештата да бидат многу подобро направени, но тоа е нашата цел – заеднички да работиме за унапредување на интегрирањето на родовата перспектива. Заеднички можеме да ги интензивираме напорите на Македонија да биде усогласена со законодавството на ЕУ за зајакнување на женското лидерство, истакна Рокас.

Според него, недостигот на родово сензитивни политики го попречува унапредувањето на жените.

Потребни се обуки, лидерство, менторство и родово сензитивно буџетирање за да се постигнат значајни промени, а за сето ова е потребно партнерство меѓу владите, бизнисите и граѓанското општество, напомена евроамбасадорот.

Тој порача дека политичката волја е од суштинско значење за родовата еднаквост.

Градењето алијанси меѓу политичките партии е од суштинско значење за постигнување на оваа цел. Родовата еднаквост треба да се гледа како суштински елемент за добро управување и прогрес на општествата. Родовата рамноправност не е само политичка цел, туку се работи за колективен напредок. Жените мора да имаат свое место на секоја маса за носење одлуки. Нашите општества веќе не може да си дозволат да остават неискористен половина од потенцијалот, тоа е одраз на зрелост. Целосното учество на жените во лидерството во сите сектори политиката, бизнсиот или граѓанското општество е од суштинско значење за градење инклузивна и одржлива иднина. Ова прашање е суштинско поврзано со вредностите од ЕУ. Кога жените ќе заземат лидерски позиции, институциите стануваат потранспарентни, отчетни и респонзивни на потребите на граѓаните. Лидерството со родова рамноправност има подобри резултати во управувањето и одржливоста на компаниите. Оние со повеќе жени во раководствата покажуваат подобро управување со ризици не само социјален императив, туку и економска стратегија за раст. Светска банка во своите студии покажа дека ако успееме не само во лидерството туку ако имаме еднакво учество на пазарот на трду, може да постигнеме меѓу 10 – 15 отсто раст на БДП во секоја земја, подвлече Рокас.

Тања Михајловска Димитриевска, главна амбасадорка на Women on Boards Adria (WOBA) за Македонија, изјави дека земјата има талент, но се уште и недостига правен механизам кој ќе направи избалансираните управни одбори да бидат правило, а не исклучок.

Кај нас, во Македонија, жените заземаат само околу едно од пет места во управните одбори на котираните компании, бројка што речиси и да е променета веќе една деценија. Тоа не е одраз на способноста, туку на можностите. Веќе гледаме како новиот пристап на Црна Гора, кој ги спојува целите со спроведување, носи резултати. И искуството од европските земји што воведоа законска обврска за повеќе жени во управните одбори покажува јасен напредок не само во родовата еднаквост, туку и во деловните резултати, отпорноста и стабилноста. За Македонија, ова е пресуден момент, време е принципите да се претворат во акција, заклучи Михајловска Димитриевска.

На тркалезната маса „Унапредување на родовата еднаквост во лидерството и управувањето“ што ја организираа Women on Boards Adria (WOBA) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), присутна беше и Ирена Радовиќ, гувернерка на Централната банка на Црна Гора и основачка на Women on Boards Montenegro 2023–2026. Таа се осврна на напредокот на Црна Гора во унапредување на родовата еднаквост во лидерството. Нагласи дека согласно изменетиот Закон за стопански друштва, Црна Гора ги применува целите на ЕУ, поткрепени со парични казни, а од 30 јуни 2026 година Централниот регистар ќе може да одбие упис на членови на раководства што не се во согласност со правилата.  

Лидерството значи да се гради доверба преку интегритет, да се обезбедува стабилност во неизвесни времиња и да се отвораат можности за нови мислења во раководството. Како гувернерка, посветена сум на поттикнување инклузивен раст и финансиска отпорност, но и на создавање простор повеќе жени да учествуваат во обликувањето на одлуките на највисоките нивоа на економското и монетарното управување, истакна Радовиќ.

Кармен Нитхамер, виша специјалистка за родови прашања во ЕИБ, објасни зошто оваа тема е важна и за растот и за управувањето.

Лидерството на жени е важно и за климатската акција. Компаниите со најмалку 30 отсто жени во одборите значајно ги надминуваат конкурентите во амбицијата и транспарентноста на климатските политики. Кога до раководните органи доаѓаат повеќе перспективи, компаниите порано препознаваат ризици, поддржуваат посилни стратегии и привлекуваат таленти. На системско ниво, тоа води до повисока продуктивност и посилни економии, поради што ги интегрираме родовите аспекти во нашето финансирање, советување и климатски операции, рече Нитхамер.

Еден од заклучоците на тркалезната маса беше дека постигнувањето родова еднаквост во рамки на раководните структури на компаниите може да го зголеми БДП на Европа до три трилиони евра до 2050 година. 

Поврзани вести