Семејството на Фросина Кулакова, која загина на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди “пред пет дена, се заблагодари на раководството на затворот во Шутка и на директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов за брзата реакција откако портал објави фотографија како 20-годишниот возач Васил Јованов во притвор има мобилен телефон.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков во име на семејството, преку својот профил на Фејсбук се заблагодари до Пандов поради тоа што, како што напиша, ја враќа довербата дека државата конечно ќе почне да функционира, односно дека функционира, откако синоќа тој со својот тим изврши увид во притворските ќелии каде пронајдоа и одзедоа мобилни телефони од притворениците, меѓу кои и од Јованов.
Како семејство се чувствуваме должни да изразиме јавно благодарност што ни ја враќаш вербата дека државата конечно ќе почне да функционира, односно дека веќе функционира. Дека злосторниците, убијците ќе го добијат третманот кој им следи, со што ни дава верба дека и судскиот епилог и казните кои ќе ги добијат, ќе бидат адекватни. Уште еднаш огромна благодарност до тебе, до директорот на Шутка и до целиот твој тим – од цело семејство, пријатели и колеги на Фросинче, напиша нејзиниот татко споделувајќи го постот на Пандов.