Skip to main content

Се врши надзор врз работата на штипската обвинителка Кацарова која незаконски држела лице во притвор повеќе од 70 дена

freepik

Вишото јавно обвинителство врши надзор над работата на штипската јавна обвинителка Татјана Кацарова за предметот во кој држела лице во притвор повеќе од 70 дена иако според расположливите материјални докази оваа постапка требало да завши во рок од 8 дена. „Република“ во петокот испрати прашања до Јавното обвинителство на Република Македонија дали Кацарова ќе одговара по член 140 од Кривичниот законик според кој се предвидува затворска и парична казна за тој којшто друг противправно ќе затвори, ќе го држи затворен или на друг начин ќе му ја одземе или ограничи слободата на движење. Исто така прашавме дали Републичкото јавно обвинителство и Вишото јавно обвинителство во Штип ги имаат проверено наводите дека за вештачење кое е направено на 23 април 2025 година обвинителката поднела Наредба за вештачење ден подоцна. Денеска добивме краток одговор:

Вишото јавно обвинителство Штип врши надзор врз предметот.

По поднесена жалба за судска контрола над законитоста на дејствијата во јавнообвинителскиот предмет Ко бр. 84/25, кој го води токму обвинителката Татјана Кацарова против осомничениот М.Н. од Штип, за кривично дело Насилство (член 386 став.6 од Кривичниот законик), Јулијана Недкова, судија на претходна постапка во Основниот суд во Штип, утврдила незаконитост во постапувањето на штипската обвинителка, фаворитка на Коцевски. Жалбата ја поднел застапникот на осомничениот, угледниот скопски адвокат Стеван Павлевски. На 19 март 2025 година, обвинителката Кацарова до судија на претходна постапка при Основниот суд во Штип поднела предлог за определување мерка притвор, против осомничениот М.Н., поради постоење на основано сомневање дека тој сторил кривично дело Насилство. Со решение на судијата на претходна постапка, на осомничениот истот ден му е опредена мерка притвор во траење од 30 дена. По барање на јавната обвинителка Кацарова, притворот на овој осомничен му се продолжува во неколку наврати. Во жалбата, адвокатот Павлевски ги набројува сите права на осомничениот кои ги повредила Кацарова. Освен што на бранителите на осомничениот не им дозволила да извршат увид во предметот (изгледа тоа е „стандардна процедура“ во постапувањето на оваа обвинителка), Кацарова сторила уште еден тежок грев – таа го држела во притвор М.Н. повеќе од 70 дена, иако според расположливите материјални докази оваа постапка требало да завши во рок од 8 дена, односно требало да се води по скратена постапка. Имено, со вештачење е утврдено дека оштетениот се здобил со „телесна повреда“, а не со „тешка телесна повреда“, па во таков случај, треба да се води скратена постапка, што ќе рече дека притворот не смеел да трае повеќе од 8 дена.

За вештачење кое е направено на 23.04.2025 година, оваа обвинителка поднела Наредба за вештачење со датум од 24.04.2025 година. Наредбата е издадена еден ден откако вештиот наод и мислењето веќе биле подготвени. Дополнително, во обвинителскиот предмет нема никаков доказ за тоа кога и дали оваа Наредба воопшто е доставена до вештото лице (нема потврда-доставница за примена наредба и потпис од вештото лице на на самата Наредба дека е примена). Но, дури и тука не е крајот на чудата. На доставениот вешт наод и мислење од страна на ОЈО Штип нема приемен печат, за да може да се утврди кога вештачењето било примено во штипското обвинителство.

Судијката Недкова, која очигледно одлучувала професионално и непристрасно, утврдила дека вештачењето е незаконито.

Кацарова се „прослави“ со своето скандалозно постапување во истрагата против суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи – во која, или со тежок фалсификат, или со клонирање, успеала да испита четири различни сведоци во исто време. Таа е истата обвинителка која на се уште неразјаснет начин успеала во истрагата што ја води против Хајрулахи во исто време да испита четири различни сведоци.

Република ќе го следи овој случај. Ќе бараме информации од исходот од надзорот на штипското вишо јавно обвинителство врз работата на Ка.царова

Поврзани вести