Skip to main content

СДСМ: Укинувањето на техничката влада е директен напад на демократијата

„Секој обид за укинување на техничката влада во вакви услови е директен напад на демократијата и слободните избори, смета СДСМ. Планот на Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не беше за дијалог ниту за реформи. Станува збор за смислено сценарио за распишување на веќе договорени предвремени избори, а потоа мигранти за пари. Сценарио во кое сите институции се заробени во канџите на власта, а Македонија намерно се држи во изолација, за да течат криминални тендери“, се вели во соопштението на СДСМ.

Оттаму велат, дополнително, со резолуции и законски решенија се удира врз слободата на говорот на опозицијата, се гуши демократијата и се создава атмосфера на страв.

„Целосно е окупиран правосудниот систем – воспоставена е контрола врз обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, обвинители премиерот ги нарекува медиокритети, а не сака да им се извини, се носат измени на Кривичниот законик за спас на функционерите на власт. Целта е целосна контрола и заштита на криминалот и корупцијата. СДСМ нема да биде дел од такво сценарио и нема да учествува во негово легитимирање туку јавно ќе продолжи да се спротивставува“, наведува СДСМ во соопштението.

Оттаму сметаат дека власта не ја сака техничката влада затоа што влезот на министри од опозицијата значи увид во злоупотребите и во целиот коруптивен систем воспоставен од сегашната власт.

„Со оглед на тоа дека Антикорупцискиот тим на СДСМ веќе започна со објавување на сериозни афери, постојат уште многу работи кои се кријат од очите на граѓаните. Во наредниот период, АКТ ќе покаже уште многу примери – зошто мора да остане техничката влада. Техничката влада мора да остане, затоа што таа претставува последна институционална линија на одбрана од злоупотреба на најважното демократско право – слободната волја на граѓаните во изборниот процес. Техничката влада е единствената реална светлина и можност, обид за чесни и фер избори“, стои во соопштението на опозициската СДСМ.

Поврзани вести