Skip to main content

Предвремени избори повторно во игра: ВМРО-ДПМНЕ вели опозицијата ако побара, СДСМ одбива, ДУИ го повика ВЛЕН на изборно соочување

Предвремените парламентарни избори повторно се вратија во центарот на политичката дебата, откако премиерот Христијан Мицкоски порача дека власта е подготвена за изборно соочување доколку опозицијата официјално побара избори.

Мицкоски рече дека Владата има мандат до 2028 година и дека нејзината опција остануваат редовни избори, но доколку опозицијата смета дека треба да има предвремени, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да излезе на избори.

„Ако опозицијата побара предвремени парламентарни избори, тогаш ние секогаш, како Влада, сме договорени да седнеме на една лидерска средба, да договориме термин и да одиме на предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски.

Ден подоцна, премиерот повтори дека граѓаните, според него, не бараат предвремени избори, туку реформи и продолжување на владините политики, но порача дека власта не би бегала од изборно соочување.

„Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме Влада 4 години, но доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира дека ние како кукавици нема да седиме на страна, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победиме“, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не бара избори затоа што се плаши од пораз

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ избегнува да побара предвремени парламентарни избори, иако со месеци тврди дека Владата ја нема довербата од граѓаните и дека опозицијата е подготвена за изборно соочување.

Од партијата велат дека СДСМ и нејзиниот претседател Венко Филипче преку соопштенија и прес-конференции постојано зборуваат за пад на поддршката за власта и за раст на сопствениот рејтинг, но молчат кога станува збор за конкретно барање за предвремени избори.

„СДСМ е единствената опозициска партија во историјата на политиката која не бара избори бидејќи е свесна дека ќе ги изгуби“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека СДСМ и Филипче се свесни оти на следните избори ќе доживеат, како што велат, „дебакл“ и ќе паднат под 100.000 гласови.

Владејачката партија повтори дека нејзиниот став е изборите да се одржат во редовниот термин во 2028 година. Сепак, додаваат дека доколку опозицијата официјално побара предвремени избори, нема да се колебаат да ги распишат и да излезат на изборно соочување.

СДСМ: Мицкоски сам си нарачува избори

Од СДСМ возвратија дека Мицкоски самиот ја отвора темата за избори и дека не сакаат да му дадат „алиби“ со тоа што ќе побараат распишување предвремено гласање.

„Христијан Мицкоски повторно ги стави изборите во оптек. Прво рече дека граѓаните не сакаат предвремени избори. Потоа рече дека ако опозицијата побара, нема да седи како кукавица, ќе прифати и ќе победи. Тоа не е став. Тоа е монтажа. Самиот си ја пишува понудата. Самиот си ја чека нарачката“, реагираа од СДСМ.

Од опозициската партија велат дека Мицкоски „влече тешка медиумска артилерија од Србија за да ги зајакне орбановите 40 проценти“, а неговата цел, според нив, е преку изборите да создаде политичко алиби за проблемите со кои се соочува Владата.

„Има апсолутна власт. Има двотретинско мнозинство. Има претседателка, влада, Собрание и мнозинство во најголем број општини. Избори закажува тој, кога сака. Не му треба ни наша согласност, ни туѓа храброст. Му треба алиби“, тврдат од СДСМ.

Од партијата оценуваат дека причината за изборите е празната државна каса и ограничениот простор за ново задолжување.

„СДСМ нема да му го даде тоа алиби. Не бараме ние негови избори за да му го покриеме банкротот. Избори ќе закаже кога ќе снема пари. Тоа е неговиот календар, не нашиот“, велат од СДСМ.

Тие порачаа дека ако Мицкоски сака избори, треба самиот да ги закаже и пред граѓаните да одговара за политиките на Владата, од економијата и цените до состојбите во здравството и другите актуелни прашања.

ДУИ го прифати повикот – сега бара одговор од ВЛЕН

Во изборната дебата се вклучи и ДУИ, која позитивно одговори на изјавата на Мицкоски и порача дека е подготвена да оди на предвремени избори.

Од партијата на Али Ахмети велат дека 24 часа по нивното барање за предвремени парламентарни избори, ВЛЕН сè уште молчи.

„Молкот на Влен веќе е одговор – се плашат од граѓаните и од пресудата што ги очекува. Оние што го погазија легитимитетот, сега се кријат штом ќе се побара да го измерат пред граѓаните“, коментираат од ДУИ.

Од партијата додаваат дека доколку ВЛЕН добиле „дозвола“ да учествуваат во власта, треба да ги прифатат и предвремените избори.

Според ДУИ, од ВЛЕН се свесни дека ја немаат поддршката на Албанците и знаат оти нивната власт се потпира врз, како што велат од партијата, „газењето на слободниот глас на гласачите“.

ДУИ бара ставот на премиерот за предвремени избори веднаш да се спроведе и самата порача дека е подготвена за избори уште сега.

Така, повикот на Мицкоски практично отвори уште едно политичко прашање – дали ВЛЕН ќе го прифати предизвикот за изборно соочување со ДУИ, или ќе остане на ставот дека нема потреба од предвремени парламентарни избори.

Пет од 11 парламентарни избори биле предвремени

Предвремените парламентарни избори не се новост во македонската политичка практика. Од првите повеќепартиски избори во 1990 година до последните парламентарни избори во 2024 година, земјата одржала 11 парламентарни изборни циклуси.

Предвремени биле изборите во 2008, 2011, 2014, 2016 и 2020 година, додека редовни биле изборите во 1990, 1994, 1998, 2002, 2006 и 2024 година.

Доколку актуелната Влада го заврши целиот четиригодишен мандат, следните редовни парламентарни избори би се одржале во 2028 година, по периодот предвиден за техничка влада.

Во моментов, затоа, остануваат отворени две политички опции – редовни избори во 2028 година, што е официјално преферираната варијанта на власта, или предвремено гласање доколку се создаде политички договор за тоа.

Но токму тука се судираат ставовите: ВМРО-ДПМНЕ вели „побарајте избори и ќе одиме“, СДСМ возвраќа „ако сакате избори, сами закажете ги“, додека ДУИ веќе вели дека е подготвена да оди на избори и го чека ставот на ВЛЕН.

Засега, прашањето за предвремени избори останува повеќе како политички предизвик меѓу партиите отколку како формално започната процедура. Клучниот потег е на оној што ќе реши прв да побара изборно соочување – или на оној што ќе реши самиот да го распише.

Поврзани вести