
Од ВРЕДИ реагираат на барањата на ДУИ за предвремени парламентарни избори, обвинувајќи ја партијата на Али Ахмети дека пред да зборува за легитимитет треба да одговори зошто, како што велат, никој од раководството не понел политичка одговорност по поразот на локалните избори.
„Фолирантите од ДУИ, пред да отворат уста за избори, нека кажат зошто по поразот на локалните избори никој кај нив не понесе политичка одговорност“, велат од ВРЕДИ .
Од владејачката партија наведуваат дека Али Ахмети продолжил со, како што го нарекуваат, „старата финта за повлекување“, додека Бујар Османи, иако го изгубил Чаир, останал потпретседател и, според нив, еден од главните кандидати за лидерската позиција во ВРЕДИ .
Во реакцијата се посочува и Бајрам Реџепи, за кого ВРЕДИ тврди дека го изгубил Тетово, но останал член на партиското претседателство. За Фатон Ахмети, пак, од партијата велат дека по изборниот пораз бил „награден“ со две нови функции – потпретседател на ДУИ и шеф на кабинетот на Али Ахмети.
„Во ДУИ, очигледно, за пораз не се одговара, туку поразените се наградуваат“, стои во реакцијата.
Од ВРЕДИ посочуваат и повеќе други општини, меѓу кои Арачиново, Боговиње, Теарце, Струга, Желино и Сарај, тврдејќи дека и таму по изборните резултати немало политичка одговорност во редовите на ДУИ.
Според владејачката коалициона партија, барањата на ДУИ за легитимитет и предвремени парламентарни избори се политичка тактика со која партијата се обидува да го задржи актуелното раководство и да создаде очекување за враќање на власт.
Од ВРЕДИ тврдат дека поддршката за ДУИ е значително намалена и оти граѓаните веќе го дале својот суд на локалните избори.
„Во ДУИ добро знаат дека пред неполна година Албанците со глас ги исфрлија од сите општини со албанско мнозинство и дека секое ново соочување со граѓаните за нив значи уште една шлаканица“, велат од ВРЕДИ .
Од партијата додаваат дека на следните избори, според нив, граѓаните ќе ја потврдат оваа оценка и актуелното раководство на ДУИ ќе биде испратено во „политичка пензија“.
Реакцијата доаѓа во момент кога ДУИ веќе побара предвремени парламентарни избори, откако премиерот Христијан Мицкоски порача дека власта позитивно би одговорила доколку опозицијата официјално побара избори.

Македонски


