
Интегрален текст од говорот на Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ на конференцијата на УМС:
Почитуван претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и претседател на Владата на Република Македонија, професор доктор Христијан Мицкоски
Почитувани членови на Извршниот и централниот комитет на партијата и УМС, почитувани членови, гости, пријатели,
Браќа и сестри,
Добар ден и добредојдовте на 34-та годишна конференција на најмоќниот политички подмладок во Македонија – младината која е носител на промените, на македонската гордост и непокор, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ!
Денес овде, заедно со сите вас, се чувсвувам гордо бидејќи знам дека сите ние заеднички докажавме дека со решителност, храброст и истрајност, не постои сила која може да не сопре да стигнеме до целта, а тоа е Македонија повторно да е наша, на македонската младина, на секој еден од вас.
Денес не само што го славиме нашето постоење, туку и ја потврдуваме нашата мисија. Под мотото „34 години Постоиме за младите“, ние не сме неми набљудувачи, туку двигатели и носители на промените, носители на надежта кај македонскиот народ и оние кои секојдневно работат да создадат подобра и поубава Македонија за секој еден од нас!
34 години се бориме да докажеме дека нашата идеја е бесмртна – дека ништо не е поважно од младите и Македонија. Бидејќи ниту Македонија, ниту младиот човек во неа не се минато или иднина – туку тие се сегашноста. Македонецот и младиот човек не се никаква маргинализирана група, туку срцето и душата на ова парче земја, суштината на секоја промена и секој успех кој го доживуваме како народ. Денес, стоиме обединети и решени да работиме за секој млад човек, без кој било да биде запоставен, без какви било изговори за тоа што можеме и умееме да направиме.
Ова е време во кое сите покажуваме што значи да бидеш млад човек во Македонија, горд поединец кој заедно со оваа историска генерација нема намера да чека, туку го креира патот за секој граѓанин и за идните генерации.
Пред само една година, бевме ветерот во грб на партијата која ја врати Македонија во раце на народот по 7 години опозиција. Години на разочарување и неправда, години во кои Македонија ги продаваше името и идентитетот, а не доби ништо за возврат. Години кога младите масовно се иселуваа барајќи подобри услови за живот надвор, а никој не се обиде да ги задржи. Години кога патриотите беа прогонувани, а љубовта кон татковината беше гледана со срам и потсмев. Тоа време е завршено.
Иако е некогаш убаво да се навратиме низ што пројдовме, она што не прави различни од нашите претходници е дека не гледаме назад – туку напред. Дека не сме младина која ја користи власта за личен бенефит, а политиката за лични пресметки. Ние одлучивме да се бориме и стоиме обединети и посилни од кога било.
За само една година од власта, ВМРО-ДПМНЕ и УМС покажаа што значи вистинска грижа за младите и за државата. За само една година започнавме и реализиравме проекти кои носат надеж и ги задржуваат младите во Македонија.
Нашата борба не е само збор и ние покажуваме дека секој млад човек заслужува можност, почит и иднина овде – дома, во Македонија. Преку конкретни мерки, одговоривме на предизвиците со кои се соочуваат младите и воведовме нови стандарди кои создаваат услови за нивен динамичен развој.
Овозможивме поголемо учество на младите во креирањето политики, што им овозможува да бидат гласот на својата генерација и да влијаат врз иднината на Македонија. Направивме програма за младинско претприемништво, воведовме грантови за млади претприемачи, со цел да се поттикне иновативноста и создавањето нови бизниси.
Инвестираме во модернизација на образованието, реформи во образовниот систем за модерно образование, приспособено на потребите на 21-от век, ги зголемивме стипендиите и финансиската поддршка за студирање. Даваме поддршка за вработување и самовработување, со посебен фокус на младите до 29 години.
Промовираме здрав живот и развој во индивидуални и колективни спортови преку изградба и реконструкција на спортски објекти. Водиме активна борба против иселувањето, како најголема закана за нашиот народ.
Младите од Македонија повеќе не говорат за својата земја од перспектива на власта која ја опустоши, туку од аспект на гордоста за своето потекло и дом. Достоинствено сме претставени пред целиот свет – од Вашингтон до Брисел, каде сите ја знаат цврстата позиција за нашите национални интереси и уникатниот македонски идентитет кој никогаш нема повторно да биде ставен на лицитација или продажба.
Драги пријатели, нашата генерација има посебна тежина. Ние сме оние што се боревме кога беше најтешко. Останавме обединети, верни на идеалите на ВМРО-ДПМНЕ, и денес сме генерацијата што ја обликува политичката сцена, како и развојот и зацврстувањето на македонскиот идентитет.
На самиот крај, дозволете ми од срце да се заблагодарам. На раководството на партијата, на чело со претседателот Христијан Мицкоски, за довербата, мотивацијата и менторството. На сите претходни претседатели на Унијата на млади сили, кои ја одржаа нашите континуитет, единственост и обединетост. На сите актуелни членови на УМС, чија енергија и посветеност се движечка сила. И посебно на нашите најмлади членови – вие сте иднината на УМС, иднината на ВМРО-ДПМНЕ, иднината на Македонија!
Почитувани,
Унијата на млади сили не е само најмасовниот политички подмладок во Македонија и пошироко, ние сме многу повеќе од тоа. Ние сме подмладок што создава квалитетни кадри – луѓе што градат живот и семејства тука, во нашата земја. Луѓе што со гордост и достоинство ја претставуваат Македонија пред целиот свет. Ние не само што постоиме за младите – ние сме младите што ја менуваат Македонија!
Триесет и четири години издржавме стоејќи цврсто, водени од идеалите за слобода, правда и просперитет. Како надежта и силата на Македонија, ќе продолжиме да работиме и да градиме иднина во која секој млад човек ќе има еднаква шанса за успех, сигурен и безбеден живот, каде секое семејство ќе има свој дом, а секој Македонец ќе има гордост.
Да живее Македонија, да живее ВМРО-ДПМНЕ и да ни е вечна УМС!
Ви благодарам!