Skip to main content

Политиките на СДСМ го заштитија и унапредија македонскиот идентитет и јазик, тврди Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто за „Вин-Вин“ на Телма рече дека Владата на Христијан Мицкоски намерно ги манипулира граѓаните околу европскиот процес, ширејќи стравови наместо да работи за државните интереси, стои во партиското соопштение кое што го објавуваме интегрално:

Филипче истакна дека власта свесно ги искривува фактите од преговарачката рамка и европските документи, претставувајќи ги како закана наместо како можност за Македонија.

Ги толкуваат документите од францускиот предлог, условот за отворањето на кластерите, протоколите како некое национално предавство. Сакам да ги прашам, зошто ги читаат тие документи со бугарско срце? Зошто не ги гледаат како што се вистински, вистински патриотски? Го штитиме, го надградуваме нашиот идентитет, тоа е македонски интерес.“  рече Филипче.

Филипче нагласи дека во процесот на европските преговори нема никакво предавство на националните интереси, туку напротив – за првпат македонскиот јазик е признаен без какви било додавки.

Не постои некакво предавство што е предадено. Идентитетот, јазикот… За прв пат, во рамките на францускиот предлог, е чист македонски јазик, кој што го гласаат и го прифаќаат сите земји членки на Европската Унија, вклучувајќи ја и Бугарија. Каде е тука предавството? Како е загрозен идентитетот? Во Декларацијата од 1999 година на пример стоеше јазик согласно уставот.“ рече Филипче.

Тој потсети дека токму политиките на СДСМ обезбедиле конкретни придобивки и во работата на историската комисија.

Нашите политики обезбедиле историската комисија да донесе заеднички одлуки за пет историски личности. Ако ние сме сакале да продаваме идентитет, како тогаш сме го обезбедиле тој дел од историската комисија? Тие фрлаат магла и ги плашат граѓаните и играат на картата дека кој знае што ќе се случи после уставните измени и кој знае како Бугарија ќе го загрози идентитетот. Не обвинуваат дека сме бугарски платеници, а притоа не кажуваат што е загрозено, ништо не е загрзено“ рече Филипче.

Претседателот Филипче порача дека Македонија денес има историска можност за напредок и дека наместо лаги и заплашување, државата треба да ги искористи шансите што ги нуди европскиот процес.

Тој избрал да владее со лаги. Да ги лаже и да ги плаши луѓето и да ја користи темата за да идентификува внатрешни предавници или надворешни непријатели, наместо да ги зграпчиме можностите што се пред нас и да напредуваме кон Европа. Државата ќе се трансформира кога ќе ги отвориме кластерите, кога ќе ги почнеме преговорите. Тогаш е вистинската трансформација.“  рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на Телма телевизија.

Во интервјуто за „Вин-Вин“ Филипче, рече дека ВМРО води политика на лажни патриоти и „фазен идентитет“, злоупотребувајќи ги националните теми за дневнополитички цели, додека токму политиките на СДСМ донесоа најголеми гаранции за македонскиот идентитет и јазик.

Филипче посочи дека ВМРО денес декларативно се повикува на Гоце Делчев, но нивниот однос кон неговото дело и порака покажува сосема поинаква слика.

Имаат фазни идентитети. Да се потсетиме како го тратирале они Гоце Делчев. Што се случува кога ќе се прошетате на нашиот плоштад. Античка Македонија, цела фамилија, Пела и така натаму. Каде е Гоце Делчев? Таму некаде покрај мостот, на крај, пред зградата на Телеком, претставен како воин на коњ. Каде е неговата главна порака? Како Гоце го разбира светот, како поле за културен натпревар помеѓу народите. Порака која што треба да биде пред Собранието, а не пред мостот, претставен како воин на коњ, без неговата главна порака.“ рече Филипче.

Во интервјуто, Филипче порача дека фактите покажуваат оти токму политиките на СДСМ го заштитиле и унапредиле македонскиот идентитет и јазик во европскиот процес.

Идентитетот, јазикот…. За прв пат, во рамките на францускиот предлог, е чист македонски јазик, кој што го гласаат и го прифаќаат сите земји членки на Европската Унија, вклучувајќи ја и Бугарија“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Поврзани вести