Skip to main content
OLfk99l1NtI

Петрушевски: Обвинителството да ја истражи поврзаноста на Заев и Филипче со фирмата каде е запленета марихуана

На денешната прес-конференција, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски изнесе серија обвинувања поврзани со, како што рече, сомнежи за организиран криминал и побара Јавното обвинителство да ја испита улогата на поранешниот премиер Зоран Заев и на поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

Петрушевски оцени дека речиси ниту еден поголем скандал со сомнеж за криминал не поминува без вклученост на имињата на Заев и Филипче, додавајќи дека нивното појавување во јавноста, според него, е показател на нервоза.

Тој го обвини Заев дека лаже кога тврди дека нема бизнис активности во Дубаи, наведувајќи дека постојат јавни информации дека Заев и Филипче поседуваат т.н. „златна виза“, за која, како што рече, јавноста има право да знае врз која основа е добиена.

„Филипче тврдеше дека визата ја добил затоа што ќе работел како доктор во Дубаи. Дали и Заев ќе оперира, па затоа ја добил визата?“, праша Петрушевски.

Според неговите тврдења, владата предводена од Заев е основоположник на бизнисот со марихуана во Македонија, при што околу 70 проценти од запленетата дрога, како што рече, е поврзана со фирма блиска до СДС.

Како што наведе, станува збор за фирмата „ЦБД Медплант“, формално во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев – М’гчев, поранешен претседател на општинската организација на СДС во Ново Село. Петрушевски додаде дека М’гчев е личност чии бизниси, според него, се поврзани со Вице Заев.

Тој тврди дека оваа фирма во период пократок од шест месеци во 2025 година испорачала 19 тони марихуана кон скопската фабрика каде што започна полициската акција, а дека само во текот на вчерашниот ден во струмичкиот регион биле запленети околу 30 тони дрога.

Петрушевски посочи дека фирмата „ЦБД Медплант“ добила дозвола за работа во 2020 година, во време кога Зоран Заев бил премиер, а Венко Филипче министер за здравство.

Тој апелираше до Јавното обвинителство да ја истражи поврзаноста на Заев и Филипче со фирмата каде што е запленета марихуаната, како и причините поради кои, како што рече, Заев лично се интересирал и контактирал државни институции во врска со случајот со петте тони марихуана запленети во Србија.

„Борбата против криминалот е јасна и ќе дојде крајот и на наркокартелот на Заеви“, изјави Петрушевски.

Поврзани вести