Skip to main content

Перински: На објектите што имаат некаква недоследност ќе им се даде рок да ја отстранат

Како Влада наша обврска пред се е безбедноста на граѓаните и да го исправиме или да го поставиме на здрави нозе овој комплетно дерогиран систем кој е граден во изминатите 30 години во нашата држава, порача министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Нагласи дека безбедноста на граѓаните е пред се и над се за Владата и додаде дека во таа насока по пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани се прават проверки не само на јавните објекти, туку и на сите угостителски објекти, станбени блокови.

-За жал времето беше кратко и не можевме секаде да стигнеме и да исправиме, меѓутоа сме во добра насока да смениме многу работи во иднина. На оние објекти каде што ќе се увиди дека има некаква недоследност ќе им се даде рок да ја отстранат за да може да биде гарантирана безбедноста на сите корисници, изјави Перински.

Посочи дека на Владата и е битно да превенира се што може да се превенира за во иднина да не се случат немили настани.

Ако објектите не ја отстранат воочената аномалија во догледен период секако дека нема да можат и нема да имаат услови да работат и мислам дека ќе бидат затворени, рече Перински.

Како што кажа, станува збор за многу широка и обемна акција и на централно и на локално ниво поради што треба да се почека да се види исходот од неа и со што ќе се соочиме за да може да се носат мерки и заклучоци.

Дајте им време и на централните, но и на локалните власти да видиме со кои предизвици ќе се соочиме, на што ќе наидеме и потоа ќе носиме заклучоци кои секако ќе бидат во насока и корист на граѓаните, истакна Перински.

Перински денеска беше на презентација на реализираните активности за реконструкција на објект на основно училиште и негова преадаптација во Регионален центар за рехабилитација на деца кои се излекувани од канцер во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2, кои ги реализираше Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.

Поврзани вести