Skip to main content

Партиите сѐ поблиску до согласност за една изборна единица

Откако на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот премиерот Христијан Мицкоски ја повика опозицијата да поддржи измени на Изборниот законик за една изборна единица, но и да се озвозможи и дијаспората да гласа, Либерално-демократската партија и Демократскиот сојуз најавија дека до Собранието ќе достават свои предлози за измени на Изборниот законик со цел воведување на една изборна единица. 

Од ЛДП најавија дека денеска ќе поднесат предлог за воведување на една изборна единица, во којшто ќе бидат вклучени и предлозите доставени за независни листи. Демократскиот сојуз, пак, во петокот најави дека во текот на неделава до Парламентот ќе го достави Предлог-законот за измена на Изборниот законик, кој пратениците можат да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР. Поддршка за една изборна единица дадоа и ТПХ и ДОМ. 

Премиерот Мицкоски на седницата за пратенички прашања потврди дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и колаицијата ќе поддржат Закон за една изборна единица.

-Ве повикувам заедно сите да го промениме Изборниот законик и да направиме една изборна единица и во таа една изборна единица да дозволиме да се формираат избирачки места во оние држави во кои се дозволува согласно Устав да се формираат избирачки места надвор од Дипломатско конзуларните претставништва (ДКП). Јас сум подготвен веднаш, а и пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, да го поддржиме тој закон каде што ќе има една изборна единица и во таа една изборна единица да се гласа, вклучително да бидат вклучени и гласовите од дијаспората. Да се гласа насекаде каде што дозволува законот на таа држава, да се гласа надвор од ДКП. Веднаш подготвен сум да го поддржам тој закон и давам збор дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи, одговори премиерот Мицскоски на пратеничко прашање поставено од пратеничката Илирие Даути. 

Поврзани вести