
Локалните избори на 19 октомври 2025 година ќе бидат осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Право на глас имаат 1 832 415 граѓани запишани во Избирачкиот список.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници, што е зголемување од 10 кандидати споредено со тие во 2021, кога имало 299. Најмногу кандидати за градоначалници – 683 имало на првите локални избори во 1996 година, а најмалку на локалните избори 2017 година – 257 кандидати за градоначалници. Бројот на кандидати за градоначалници се движи од 323 во 2000 година, 350 во 2013, 364 во 2009 и 379 на изборите во 2005 година.
Најмногу кандидати има за градоначалник на главниот град Скопје, вкупно 16, од кои само една жена. Постоа следат Прилеп и Струга по девет и Битола осум кандидати. По два кандидати за градоначалник има во над една четвртина од оштините – во вкупно 21 општина, меѓу кои во Штип, Кратово и Крива Паланка.
Според родовата застапеност од вкупниот број кандидати за градоначалници на Локалните избори 2025, 89,64 проценти се мажи, а 10,35 отсто се жени. Ова е мало зголемување во однос на минатите, кога процентот на жени е 8 проценти.
Најмногу кандидатски листи за советници имало на изборите во 1996 – 747, потоа во 2009 – 701, па 2021 – 572, 2000 – 564, 2013 – 480, 2005 – 445 и најмалку во 2017 година – 371.
На овие локални избори има 576 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати, од кои 55 проценти се мажи, а 45 проценти жени, исто како и на минатите.
Најмногу кандидатски листи се поднесени за Град Скопје 19, потоа следат Битола – 16, Куманово и Долнени по 14.
Според возразната група од вкупно 10 799 кандидати за градоначалници и советници на возраст меѓу 18 и 20 години се 409 или 3,89 проценти, додека на возраст над 66 години се 985 кандидати или 9,12 проценти. Најмногу 25,36 проценти или 2 739 кандидати се на возраст меѓу 36 и 45 години.
Првите локални избори во независна Македонија се одржани на 17 ноември 1996 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Имаше вкупно 683 кандидати за градоначалници и 747 кандидатски листи за членови на општинските совети. Одѕивот на гласачите во првиот круг беше 60 проценти, а во вториот круг 51 процент. На овие избори право на глас имаа 1 419 081 избирач.
Вторите локални избори се одржаа на 10 септември 2000 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Имаше 323 кандидати за градоначалници и 564 кандидатски листи за членови на општинските совети. На овие избори право на глас имаа 1 634 859 избирачи. Одѕивот во првиот круг беше 59 проценти, а во втор круг 53 отсто.
Третите локални избори се одржаа на 13 и 27 март 2005 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 84 општини и Градот Скопје. Ова се првите локални избори по новата територијална распределба и намалувањето на бројот на општините. Имаше 379 кандидати за градоначалници и 445 кандидатски листи за членови на општинските совети. На овие избори право на глас имаа 1 711 293 избирачи. Одѕивот на гласачите во првиот круг беше 56,36 проценти, а во вториот круг на 27 март 53,66 отсто.
Важно за напомена е дека Државната изборна комисија до 2006 година не постои како посебен орган и се формира пред секои избори и нема објавено целосни резултати или финален извештај за дел од првите три локални избори во земјата.
Четвртите локални избори се одржаа на 22 март 2009 година, на кои се избираа градоначалници и советници во 84 општини и Градот Скопје. Вкупно беа поднесени 364 листи за градоначалници и 702 кандидатски листи за советници. На овие избори право на глас имаа 1 792 082 избирачи. Одѕивот на првиот круг беше 57 проценти, а во вториот круг 43 отсто.
Петтите локални избори се одржаа на 24 март 2013 година со цел избирање на советници и градоначалници во 80 општини и Градот Скопје. Имаше вкупно 350 кандидати за градоначалници и 480 листи на кандидати за советници. На овие избори, право на глас имаа 1 743 403 гласачи. Одѕивот во првиот круг беше 67 проценти, а во вториот 65 отсто.
Шестите локални избори се одржаа на 15 октомври 2017 година, на кои се избираа градоначалници и советници на 80 општини и Градот Скопје. Имаше вкупно 257 кандидати за градоначалници и 371 кандидатска листа за советници. Право на глас имаа 1.814.644 граѓани запишани во избирачкиот список Во првиот круг излезноста беше 60 проценти, а во вториот круг 52 отсто.
Седмите локални избори се одржаа на 17 и 31 октомври 2021 година. Право на глас имале 1 824 864 гласачи. Излезноста во првиот круг била 50,57 проценти, а во вториот круг 50,69 проценти. Имало вкупно 299 кандидати за градоначалници. Според родовата застапеност од вкупниот број кандидати за градоначалници на Локалните избори 2021, 91,64 проценти се мажи, а 8,36 отсто се жени. На овие локални избори имало 572 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10 532 кандидати, од кои 55 проценти се мажи, а 45 проценти жени.