Skip to main content

Охрид потпиша писмо за соработка со унгарскиот град Веспрем

Градоначалниците на Охрид и на унгарскиот град Веспрем, Кирил Пецаков и Ѓула Порга, денеска во Охрид го парафираа Писмото на намери за пријателска соработка меѓу двете општини.

Како што информира градоначалникот Пецаков, потпишаниот документ е продолжение на веќе воспоставените контакти на Охрид со градот Веспрем, како првичен чекор од постапката кон натамошно унапредување на соработката што треба да биде финализирана со потпишување и на договор за збратимување на двата града.

За нас како Општина Охрид ова претставува потврда на соработката на две пријателски држави. Се надевам на плодна соработка во повеќе области од интерес, од образованието и културата, но и на спортот што не поврзува…Се надевам дека независно кои ќе се градоначалници на двата града во иднина, таа сорбаботка ќе трае во интерес на граѓаните на двете општини“, рече Пецаков.

Тој потсети дека ова е втор град со кој Охрид потпишува ваков документ од кога е тој градоначалник, после збратимувањето со Пула во Хрватска. Тој најави дека во тек е и постапка за збратимување на Охрид и со централната белградска Општината Стар Град.

Сите збратимувања на Охрид, вклучително и оние кои со години траат, се надевам дека ќе продолжат и ќе придонесат за развој, што преку споделување искуства, но и преку искористување на можностите што се нудат преку европските фондови за таа намена“, рече Пецаков.

Градоначалникот на Веспрем од своја страна изрази задоволство што после неколкуте средби со Пецаков, сега се отвора и можноста за официјална соработка на двата града.

Личните познанства секако се важни, но сега соработката може да се унапредува, како меѓу двата града, така и во односите на двата пријателски народи…Ние како двајца градоначалници ги утврдуваме рамките на соработката, но останува на двата народи да ги искористат можностите за засилени врски и соработка во областите од интерес. Посакувам искористени можности и чести средби, како тука така и во Веспрем“, рече Порга.

Пецаков во оваа прилика на гостинот од Унгарија му подари икона со ликот на Свети Климент Охридски, заштитникот и патрон на градот Охрид.

Поврзани вести