Во пресрет на Св. Сава – националниот празник на српската заедница во Македонија, денеска во просториите на Министерството за односи меѓу заедниците се одржа пригодна свеченост која со своето присуство ја збогати и амбасадорката на Србија во Скопје, Н.Е. Невена Јовановиќ.
Свое обраќање имаа заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и амбасадорката Јовановиќ, кои ја потенцираа важноста од чувањето на традицијата, како и меѓусебната почит и поддршката како дел од мултикултурниот и мултиетничкиот мозаик што заеднички го градиме.
Со своето присуство и пригодна програма настанот го збогатија и учениците од од 1 до 5 одделение од ООУ „Браќа Рибар“ од с.Табановце, Куманово, со подрачните училишта од с. Четирце и с. Горно Коњаре, и од ОУ „Светозар Марковиќ“ од Старо Нагоричане. Во чест на Св. Сава, дечињата учесници во програмата добија и пригодни подароци, меѓу кои и буквар на српски јазик.
Св. Сава за национален празник на Србите во земјава е прогласен со измена на законот за празниците на 8. февруари 2007 година и оттогаш овој ден е неработен за припадниците на српската заедница.