
Кога на 9 септември годинава беше објавено дека „по целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против едно лице за пет кривични дела – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик“, јавноста беше скандализирана од приказната, според која обвинетиот Мустафа Хајрулахи, во периодот од септември 2023 година до 24 октомври 2024 година, како службено лице Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, во службените простории и при вршење на службата, во текот на работното време, „се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување“.
Во обвинението против Хајрулахи се тврди дека тој, користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигнел на клоци“, „ќе ги фрлел од шести кат“, „ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки“. Дел ги навредувал дека „му го грделе обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени.
Клонираната обвинителка Татјана Кацарова и лажните сведочења
Тоа го тврди Обвинителството, врз основа на исказите на оштетените „дадени“ пред јавниот обвинител Татјана Кацарова. Во јуни годинава, Плусинфо објави сторија, во која уверливо, со аргументи и докази, докажа дека „постапувајќи под очигледен притисок на државниот обвинител Љупчо Коцевски, во случајот против суспендираниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, штипската обвинителка Кацарова или сторила нешто што е против законите на природата, или фалсификувала записници, што е сериозно кривично дело“. Според словото на записниците, обвинителката Кацарoва во исто време испитувала четири оштетени, што е спротивно на законите на природата.
Така, на 5 ноември 2024 година, на Записник за испитување сведок-оштетен КО бр. КО бр. 452/24, на име Валентина Калинковска, е наведено дека испитувањето на сведокот почнало во 20.00 часот и завршило во 21.08 часот. Во Записникот за испитување на сведок-оштетен КО бр. 452/24 од истиот ден (05.11.2024 година), на име Жаклина Никодиновска, се вели дека испитувањето на сведокот почнало во 20.26 часот и завршило во 20.58 часот. Записникот за испитување на сведок-оштетен за истиот предмет и за истиот ден, на име Ружица Јосифова, тврди дека испитувањето на сведокот почнало во 21.03 часот и завршило во 22.23 часот. Конечно, записникот за испитување на сведок-оштетен (КО бр. 452/24 од 05.11.2024 година), на име Даниела Лапе, тврди дека испитувањето на сведокот почнало во 21.15 часот и завршило во 21.55 часот.
Очигледно е дека има преклопување во времињата кога наводно се давани исказите на наводно оштетените, што упатува само на едно – опасна манипулација и веројатен фалсификат.
Статијата објавена на Плусинфо тогаш никој не ја демантираше, бидејќи авторот на овие редови и тогаш предупреди, како што предупредува и сега, дека располага со записниците од сослушувањето на наводно оштетените. Тогаш Хајрулахи упорно правдата ја бараше институционално, предупредуваше дека лажните сведочења можат да бидат предмет на кривичен прогон за кривичното дело Лажно пријавување и на граѓански парници и очекуваше реакција на институциите.
Но, решени после суспендирањето да ги „егзекутираат“ и него и обвинителот Јово Цветановски, инсталатите на државниот обвинител Љупчо Коцевски на 9 септември го објавија обвинението подигнато на 25 јули. Сега Хајрулахи веќе не се воздржува јавно да ги демантира манипулациите против него, во обид да докаже дека на лагата сепак ѝ се кратки нозете.
Вистината за фрлањето од шести кат
Најпикантната епизода од сапуницата за наводниот мобинг за што е обвинет Хајрулахи е онаа во која се тврди дека која тој на својата секретарка Валентина Калинковска ѝ рекол дека ќе ја фрли од шести кат. Медиумите со денови ја цедеа таа изјава, правеа атрактивни наслови и се исчудуваа како може еден шеф на својата врабвотена да ѝ се заканува дека ќе ја фрли од некој шести кат. Имаше и читатели кои помислија дека можеби Хајрулахи, во момент на лутина, на својата секретарка ѝ кажал такво нешто, без план да ја реализира својата закана. Но, никој тогаш не помисли дека можеби станува збор за целосна лага и конструкција.
Сè уште очекувајќи реакција на институциите, Хајрулахи тогаш го замоли авторот на овој текст да не го експлоатира делот од „исказот“ на наводната жртва Калинковска, од кој јасно се гледа дека целата драмолетка со фрлањето од шести кат е една очигледна лага и конструкција. Но, сега е време тој дел да се објави. Еве го:

Ако го прочитавте делот подвлечен со црвена линија, веќе сфативте каква манипулација е направена овде. Во Записникот за испитување сведок од 05.11.2024 година под КО бр. 452/25, наводно „оштетената“ Валентина Калинковска тврди дека обвинителот Елвин (Вели), кога поминувал преку нејзината канцеларија, ѝ рекол: „Знаеш ли дека шефот ќе те фрлел од шести кат од зградата“. Таа не вели дека Мустафа Хајрулахи ѝ се заканил со тоа митско фрлање од шести кат, туку пренесува што ѝ кажал Елвин Вели, колегата на Хајрулахи. Да повториме: Калинковска се исплашила, се вознемирила и се почувствувала понижена, затоа што обвинителот Елвин Вели ѝ кажал дека Хајтрулахи ќе ја фрлел од шести кат – таа лично од својот шеф не чула такви зборови.
Каква е оваа неверојатна манипулација, само за да се оцрни ликот на еден обвинител? Можеби таа работа ќе ја расчисти граѓанскиот суд, бидејќи Мустафа веќе ја тужел својата секретарка за клевета во граѓанска парница.
Целиот текст на Плусинфо