Skip to main content

Обезбедени доволни количини вода за потребите на кумановци и земјоделците

Дотурот на вода од акумулациите се одвива непречено, вода во моментов има и за потребите на граѓаните и на земјоделците, соопштија денеска од кумановската подружница на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“. Дотурот се одвива непречено преку трите цевководи: индустрискиот, главниот и т.н.„бајпас“ во јавното претпријатие „Водовод“ Куманово.

Сезоната е почната со 16 милиони, моментално има 12 милиони метри кубни вода во акумулацијата. Сите побарани количини ги испорачуваме до ЈП „Водовод“, во непречена комуникација сме, имаме целосно разбирање. Исто така, сезоната за наводнување кон земјоделците ја започнавме, немаме моментално поплаки. Вода во акумулацијата има и ќе има, но апелирам до граѓаните да ја користиме рационално затоа што за водата не одговараме само ние, туку целокупното општество, сите треба да ја користиме рационално, посебно апел ќе упатам до земјоделците, тие да ја користат и да немаме непотребни испуштања на вода. Секогаш граѓаните ќе бидат на прво место за водоснабдување, но имаме доволно количини на вода, вели Дарко Живковски, овластено лице на АД водостопанство „Кумановско-липковско поле“.

Како што информираше Живковски, во тек е и јавна набавка за модернизирање, односно санација на четврта грана (замена и санација на постоечката инфраструктура).

Ќе биде распишан тендерот со што ќе се обезбеди дотур на вода и во зимскиот период. Наш фокус секогаш е да бидеме од страна на земјоделците и граѓаните, односно да имаме задоволни земјоделци и граѓани и непречена испорака на вода. Свесни сме дека во првата година не можеме драстично да ги подобриме ситуациите, но уште од моментот на преземање и во иднина ќе се трудиме да го модернизираме целиот систем и секако вложување преку АД Водостопанство од Скопје, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе имаме инвестиции, порача Живковски.

Поврзани вести