Skip to main content

Новиот закон за пушење пред Влада: Тераси со две отворени страни и посебен влез за непушачи во кафулињата

По одржаните состаноци и консултации со засегнатите страни за Предлог-законот за заштита од пушење, како и по направените анализи од научен, економски, инфраструктурен, социјален и здравствен аспект, министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека е постигнат заклучок со кој се предвидува пушењето да биде дозволено на тераси и простории со две отворени страни.

Тој посочи дека во Скопје има над 7.000 угостителски објекти со тераси, додавајќи дека во најголем дел од нив, поради инфраструктурните услови, е невозможно да се обезбедат три отворени страни. Како пример ги наведе аголните објекти и оние сместени меѓу згради, каде што не постои можност за дополнителни градежни интервенции.

Со предложените законски измени, угостителските објекти ќе имаат обврска да обезбедат посебен влез за непушачите. Според министерот, ова претставува една од најзначајните инфраструктурни промени, со цел јасно да се одделат просторите за пушачи и непушачи и да се заштитат граѓаните кои не користат тутун.

Алиу информираше дека по спроведените консултации се затворени сите отворени прашања поврзани со законот. Предлог-законот треба да се разгледува на владина седница во вторник, по што ќе продолжи собраниската постапка. Очекувањата се законското решение да биде процесирано до крајот на април.

Министерот изрази надеж дека со новите мерки, во период од две до три години, процентот на пушачи ќе се намали од над 45 на под 20 проценти. објави Скопје1.мк

Поврзани вести