Skip to main content

Непознато е за што се борат членовите на Судскиот совет: Митева бара оставки, обвинува за кршење на правото

Марија Митева, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Владата, беше гостинка во емисијата ,,За или против” на телевизија Алфа, каде истакна дека партијата продолжува со напорите за барање одговорност од членовите на Судскиот совет преку дебати и интерпелации. Митева нагласи дека независноста на судската власт не значи имунитет од контрола и дека тие ќе продолжат да се борат за јавна отчетност.

Независноста на судската власт не значи дека тие се надвор од контрола. Ние ќе продолжиме да бараме одговорност за членовите на Судскиот совет, преку дебати, интерпелации и сите други законски инструменти што ги имаме. Судската власт треба да има одговорност, а не да биде имунитет од неспроведување на правото – изјави Митева.

Таа ја пофали постапката на пратениците во Собранието за интерпелации и посочи дека, според неа, постојат сериозни сомнежи за неправилностите направени од претходната власт при менувањето на позициите, што го влоши нивното функционирање.

Со овој обид да ги заштитат позициите, членовите на Судскиот совет се свесни дека власта на СДСМ и ДУИ завршува. Нема да бидат како што беше досега и ќе мора да се освестат – додаде Митева.

Таа истакна дека јавната доверба во правосудството е на многу ниско ниво, посочувајќи дека не може да се има доверба во судскиот систем кога се знае за судии и обвинители фатени во криминал. Митева го оспори ставот на Судскиот совет дека се жртви на политички прогон, потенцирајќи дека јавната функција носи морална и етичка одговорност.

Како може да се бранат тие судии и обвинители кога резултатите што ги испорачуваат се многу далеку од тоа што граѓаните го заслужуваат? Ако ја намалуваме довербата во институциите, тоа значи дека сите треба да се запрашаат што направиле погрешно – изјави Митева.

Митева најави дека ќе продолжат со правни и политички акции за да се обезбедат оставки од членовите на Судскиот совет, додавајќи дека нивните постапки го нарушуваат правниот систем и ја доведуваат во прашање довербата во правосудството.

Интерпелациите се дел од процесот на остварување на одговорност и следење на законот. Постапките на пратениците кои ги следат законите и Уставот покажуваат дека има сериозен ангажман за менување на ситуацијата – заврши Митева.

Митева истакна дека членови на Судскиот совет не ја очекувале силната реакција на пратениците, но по увидот дека сите процедури биле правилно следени, започнале жестоко да се бранат. За крај, таа потенцираше дека низ анкети за јавното мислење правосудството и Судскиот совет би добиле уште помал процент на доверба, што дополнително го намалува нивниот легитимитет.

Не сметам дека насилниот политички говор ќе им донесе некакви бенефиции. Ако сега се направи анкета, мислам дека довербата во правосудството ќе биде под 2%. Можеби тогаш ќе се освестат – заклучи Митева.

Поврзани вести