
Нека судат граѓаните дали сум виновен или не. Мојата политичка одговорност е на избори. Ако јас како претседател на Владата имам кривична, нека суди обвинителот, нека ме обвини веднаш. Но, ако не е така, да ми се извинат сите коишто прават морбидна некрофилска кампања за политички цели, рече премиерот Христијан Мицкоски прашан дали чувствува морална одговорност за катастрофалниот пожар во Кочани пред четири месеци.
Во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 Мицкоски рече дека оваа Влада покажала дека „нема двојни аршини и дека постапува директно врз основа на поднесокот што го добива од Обвинителството“.
-Оваа Влада првпат покажа дека на барање на Обвинителство приведуваше и обезбедуваше лица кои се дел од владиниот кабинет, дел од институциите и супервисоки лица од МВР, како ниту една Влада во минатото, рече Мицкоски.
Нагласи дека ниту тој ниту некој од Владата имал каква било комуникација со Обвинителството.
-Дури и процесот на смена на јавниот обвинител го сторниравме, направиме чекор назад по ризик и цена на политички губитоци и јавни критики што ги доживеавме, рече Мицкоски.
Смета дека се води некрофилска кампања насочена против него и дека нема проблем да ја сноси целата одговорност и граѓаните да му судат на избори, но ако победи, рече, бара извинување.
-Еве, ќе има избори за два-три месеци, народот нека суди. Еве јас прифаќам на себе се што не чинело 35 години. Нека судат граѓаните дали сум виновен или не. Мојата политичка одговорност е на избори. Ако јас како претседател на Владата имам кривична, нека суди обвинителот, нека ме обвини веднаш. Но, ако не е така да ми се извинат сите коишто прават морбидна некрофилска кампања за политички цели. Тие што ја организираат оваа некрофилија немаат проблем со никој друг, туку со мене. Еве, јас велам во ред – нека судат граѓаните на избори за три месеци од денес. Ако граѓаните ме поразат, другиот ден си поднесувам оставка. Другиот ден. Нема да чекам како што беше во 2021 година. Но ако ги победам, тогаш да се извинат и веќе да престанат со некрофилијата за политички цели, истакна Мицксоки во интервјуто.