
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Демир Хисар, Никола Најдовски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоган Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, се осврна на веќе сработеното во изминатите четири години и за сето она што доаѓа во иднина, потенцирајќи го инвестирањето во патната инфраструктура и понатамошното вложување во спортот и младите на општина Демир Хисар.
„Во изминатите четири години само во патната инфраструктура вложивме 160 милиони денари, најголемата инвестиција во историјата на општината. Изградивме и реконструиравме триесетина улици и локални патишта со вкупна должина од 17 километри. Беа поставени нови 100 лед светилки, а бенифитот беше огромен, покрај одличното осветлување, неколкукратно се намалија и сметките за струја. Во периодот што следи е планирано да се постави ново лед осветлување во сите населени места во општината со што Демир Хисар ќе стане поуредена и побезбедна општина, која покажува грижа за луѓето и животната средина. Домот на култура „Илинден“ доби сосема нов лик. Во завршна фаза е изработката на техничката документација за изградба на соборен храм во Демир Хисар“, вели Најдовски.
Најдовски го истакна вложувањето во образовниот сектор потенцирајќи дека тоа ќе продолжи и во наредниот мандат и создавањето на достојни услови за учење и престој во сите образовни институции во општината, како со реконструкција на училниците и спортските сали, така и со нови компјутери и бесплатен ученички превоз.
„Во училиштата вложивме во нови SMART табли, компјутери, нови клупи и столчиња, спортска опрема, нови грејни тела, реконструкција на училниците и спортските сали, а Во ООУ „Гоце Делчев“ изграден е кабинет по природни науки. Во следниот мандат најавувам дека ќе се изврши комплетна реконструкција на сите подрачни училишта. Заедно со јавното претпријатие ДЕХИ транс, продолжуваме да обезбедуваме безбеден ученички превоз, превоз за нашите спортисти, а во летниот период општината организира бесплатен превоз за сите граѓани“, рече Најдовски.
Кандидатот за градоначалник на општина Демир Хисар, истакна дека ќе продолжи да се инвестира во спортот, со што се планира изградба на повеќенаменски игралишта, но и дека во наредниот период ќе продолжат субвенциите за новороденче, прваче и за најдобрите ученици.
„Во изминатите четири години инвестиравме во модерни спортски содржини. Во завршна фаза е изградбата на спортски комплекс на градскиот стадион, кој ќе вклучува тениско и кошаркарско игралиште со современа подлога и опрема. Во новата програма за развој на спортот, планираме изградба на нови повеќенаменски игралишта во Сопотница, Слепче, Кутретино и Демир Хисар, со опрема за фудбал, кошарка и одбојка. За најмладите, За секое новороденче, доделуваме субвенции од 10.000 денари, за секое прваче по 3.000 денари, а најдобрите ученици ги наградуваме со 6.000 денари. Ваквите програми и субвенции ќе продолжат и ќе растат затоа што нашата цел е да изградиме општина во која никој нема да биде заборавен, вели Најдовски.