
Министерството за внатрешни работи во пресрет на „Локални избори 2025“ континуирано презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.
Согласно направените проценки и воспоставените планови на денот на изборите полициските службеници ќе бидат присутни во близина на локациите на избирачките места, како и на клучните сообраќајни точки, со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир. Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално технички средства, мобилни тимови и пунктовско работење, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање на соодветни мерки и активности во случај на инциденти.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од било какви активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес.
Во текот на изборниот ден, МВР соодветно ќе ја информира јавноста за одвивањето на изборниот процес.