Skip to main content

Муртезани копретседаваше со Првиот состанок на Мониторинг комитетот за Инструментот за реформи и раст

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во својство на национален координатор за Инструментот за реформи и раст, утрово копретседаваше со Првиот состанок на Мониторинг комитетот за Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан (RGF), кој денеска, во хибриден формат, се одржа во Владата на Република Македонија. На почетокот од воведното обраќање, МЕП Муртезани ја нагласи важноста на оваа нова платформа за зајакнување на реформските процеси и институционалната соработка, поздравувајќи ги претставниците на Европската комисија, меѓународните финансиски институции, граѓанскиот сектор, како и претставниците од националните институции, кои учествуваа на овој состанок.

Министерот Муртезани потенцираше дека состанокот на Мониторинг комитетот се одржува непосредно по успешниот Самит на лидерите на Западен Балкан во Скопје, посветен на Планот за раст и реформските агенди на земјите-кандидатки од регионот, а кој уште еднаш ја потврди заедничката определба, како од страна на регионот, така и од страна на Европската комисија, за пробив на евроинтегративниот пат. Муртезани истакна дека Планот за раст и Реформската агенда се дизајнирани да донесат клучни социо-економски реформи и да ги поттикнат демократските вредности и владеењето на правото, што се предуслов за стабилност, просперитет и интеграција во Европската Унија. Во рамките на состанокот, членовите на Комитетот дискутираа за напредокот во имплементацијата на Инструментот за реформи и раст, со фокус на исполнувањето на општите услови за поддршка, постигнатите клучни чекори и резултатите од проценката на Европската комисија за првиот сет на обврски. Беа разменети мислења за мониторинг механизмите, инклузивноста на процесот преку вклучување на граѓанското општество, како и хоризонталните прашања поврзани со човечките ресурси, транспарентноста во буџетирањето и управувањето со реформите и хармонизацијата со европското законодавство.

Муртезани подвлече дека Македонија останува целосно фокусирана на спроведувањето на Реформската агенда, која опфаќа приоритетни области како добро управување, јавни финансии, енергетска и зелена транзиција, развој на човечки капитал, бизнис-клима и владеење на правото. Како јасен показател за политичката зрелост и институционалниот капацитет на земјата да се движи кон европските стандарди преку суштински реформи, Македонија во рекордно краток рок ги финализираше сите правни процедури, што овозможи навремено повлекување на 52,5 милиони евра претфинансирање – истакна Муртезани. Тој дополнително информираше дека веќе е покрената и првата постапка за исплата на нова транша средства од 17 милиони евра, од кои значителен дел се наменети за капитални инвестиции.

Регулативата (ЕУ) 2024/1449 на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ го воспостави „Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан“ за поддршка на процесот на проширување преку забрзување на усогласувањето со правото на ЕУ, забрзување на регионалната економска интеграција како и социо-економска конвергенција со Унијата.

Состанокот на Мониторинг комитетот е воспоставен согласно Договорот за Инструментот за реформи и раст со Европската комисија, со цел да се обезбеди транспарентност, отчетност и ефикасна координација во спроведувањето на реформските процеси. Во континуитет се работи на зајакнување на мониторингот, контролата и ревизијата, како и на ефективната комуникација со јавноста, со цел придобивките од Инструментот за реформи и раст да бидат видливи и достапни за сите граѓани на Македонија.

Поврзани вести