
Во недела, на 5 октомври – Светскиот ден на учителите, Министерството за образование и наука ќе ја започне националната кампања „Магијата е во знаењето“, насочена кон подигање на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството. Кампањата ќе биде отворена со панел-дискусија која ќе се одржи во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Скопје, со почеток во 10:00 часот, каде ќе се разговара за институционалниот пристап кон образованието, за статусот на наставниците, нивните предизвици и потреби, како и за начинот на кој општеството ги вреднува нивната посветеност и влијание, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).
Настанот ќе го отвори министерката за образование и наука, Весна Јаневска, а во дискусијата ќе учествува и претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, деканката на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Билјана Камчевска, како и претставници на академската и наставничката заедница.
Во рамки на настанот, Министерството за образование и наука и Сојузот на просветните работници на Македонија ќе ги доделат и признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година, како чин на јавно признание, но и симбол на поширока заложба за градење општество кое активно ја поддржува и вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и стручните соработници.