Skip to main content

Митрополитот Повардарски Агатангел го упати традиционалното Божикно послание до православните верници

Митрополитот Повардарски Агатангел во пресрет на Христовото раѓање – Божик го упати своето традиционално Божикно послание,со пораката дека пред човештвото стојат многу искушенија, неизвесности и предизвици, а нам, Македонците, ни претстои време кога треба да бидеме мудри, да стоиме и опстоиме во секоја правда и вистина, и да победиме секој раздор што нè дели и уназадува.

Тој во обраќањето потсети дека секое време со себе си носи свои предности и опасности.

-Најбитно за човекот е никогаш да не ги напушти универзалните морални вредности, кои се разбира ќе траат со својата важност до крајот на светот и векот. Да не се лажеме себеси, поинаку никако не може да биде. Пред нас како човештво стојат многу искушенија, неизвесности и предизвици. Непријателите на секое добро, поттикнати од нечестивиот и неговите слуги, здружно работат на поништување на сè што е човечко. Потонати во самоизмама, која ја шират наоколу како новооткриена вистина, тие тврдат дека човекот треба да се напушти и уништи, дека треба од неговите длабочини да се истера секоја доблест, секој мир, секоја душевна убавина. Како алтернатива тие ја нудат пеколната осаменост, себичноста, неморалот во секој демонски вид и облик, вели митрополитот.

Според него, тие решиле во сè да Му се противат на Бога, да Го клеветат и обвинуваат за секоја нивна лична лошотија.

-Својот грев си го претставуваат како голем подвиг и достигнување, па затоа мажот лесно го претвораат во жена, а жената во маж. Своите црнила си ги сметаат за небесна белина, срамот им е пофалба, а тагата која тишти и потресува е нивна радост незауздана. На мозина од нив ова им е платена занимација, нивни животен позив, нивна секојдневна преокупација и кариера. Човекот систематски се уништува и одвнатре и однадвор. Одвнатре – преку неморал и распуштеност, а однадвор – преку расипништво, незаинтересираност и бесчувствителност. Од ваквите демонски напади не ни се поштедени ниту децата. Се претворивме во општество каде стана нормално и вообичаено покрај дворот на црквата да имаме казино, преку патот од училиштето – обложувалница, а на секој втор агол – заложна куќа со брзи кредити. Се ствара клима каде сè е дозволено, без разлика што истото никако не ни е полезно, порача митрополитот Повардарски Агатангел.

Тој потенцира дека како генерација ни престои тешка борба за зачувување на нормалното, за спасување на себеси, за оздравување од наметнатите и напластени душевни и духовни болести.

-Нам, Македонците, ни претстои време кога треба да бидеме мудри, кога треба да стоиме и опстоиме во секоја правда и вистина, кога треба да бидеме еднодушни во побожноста, кога треба да го надминеме и победиме секој раздор што нè дели, поделува и уназадува. На овој свет и благословен ден да се угледаме на Новородениот Месија и да покажеме милост и љубов кон своите ближни, кон нашите сонародници, кон нашите соседи, кон секој човек кој е создаден по Образ и Подобие Божјо. Само на тој начин, издигнати во добродетелта и полиени со Божјата благодат, ќе имаме живот овде на земјата, а ќе станеме и чеда на небесниот Отец, потенцира  Митрополитот Повардарски Агатангел.

Тој порача Воплотениот Христос нека се всели и вечно нека остане во нашите срца и души.

-Македонија е земја осенета од Апостолите, облагородена од Седмочислениците, бранета, ослободена и издигната од Илинденците. На сите нив заеднички именител им била светлината Христова, која денес најсилно блесна од градот Витлеем. Го молиме Бога, оваа божикна радост што сега ја чувствуваме никогаш да не нè напушти, нека стане составен дел од нас самите, а вечно нека престојува и во нашата љубена татковина Македонија, порача митрополито Повардарски со вообичаениот поздрав за Божиќ, Христос се роди, навистина се роди!

Поврзани вести