Skip to main content

Митева: Силен сомнеж дека штрајкот на УПОЗ е политички мотивиран, Владата е партнер на сите

Владата е партнер на сите. Спремни сме да ги прифатиме сите предлози и сугестии. Ова е во насока на висока подготвеност која ја имаме да разговараме за сите теми. Но дозволете ми да истакнам дека нè изненадува фактот што токму УПОЗ како прв чекор го презема штрајкот наместо дијалогот кој е прв демократски начин и метод за функционирање.

Ова денес го истакна Марија Митева, портпарол на Владата на Република Македонија.

Сакам да ја потсетиме јавноста дека за само шест месеци успеавме да постигнеме договор за покачување на платите на вработените во здравството, во образованието, а се покачија и пензиите. Исто така посочуваме дека Владата обезбеди додаток на плата и К-15 на сите вработени и, повторувам, подготвени сме да разговараме на секоја тема. Секој штрајк треба да биде организиран во согласност со законот за работни односи и колективните договори, да биде најавен согласно законот. Да биде спроведена и постапката за помирување која е задолжителна и да се определат нужни работи кои мора да се вршат. Бидејќи, за жал, ниту еден од овие постоечки законски услови не е исполнет, говори за незаконитост на штрајкот и отвора силен сомнеж дека овој штрајк е политички мотивиран – истакна таа.

Митева посочи дека има бројни механизми преку кои можат да се отворат сите овие прашања, а потсети и на економско-социјалниот совет каде можело да се отвори ова прашање.

Интересно е што изминативе години, овој синдикат како да молчеше за ова прашање и со жалење мораме да истакнеме дека отворено се сомневаме дека зад ваквиот чекор стои политичка позадина на синдикатот кој делува како продолжена рака на партиите кои досега, за жал, ги слоупотребуваа правата на работниците. Прашуваме дали ова е начинот на кој се злоупотребува синдикалното движење во државата?! Како Влада гледаме реално на работите и не сме задоволни од платата во администрацијата, но потенцираме дека дијалогот е вистинскиот начин за изнаоѓање на решение – посочи Митева.

Поврзани вести