Skip to main content

Митева: Оперативниот план опфаќа и обуки за жени и млади до 29 години, во рок од 3 месеци со месечен надомест од 12.000 денари

Како што ветивме продолжуваме со серија прес-конференции коишто се посветени на Оперативниот план, затоа што цениме дека нашата држава не може да оди напред само ако институциите чекорат, а луѓето стојат во место, рече на денешната прес конференција Марија Митева.

Затоа, Владата што работи – инвестира во луѓето. Не во статистика, туку во секој поединец кој денес е без работа, а утре може да биде двигател на економијата.

Со Оперативниот план за вработување за 2025 година, ја менуваме парадигмата – како што веќе потенциравме, од пасивни мерки одиме кон активна поддршка, обучување и реална вклученост на пазарот на труд.

Денешен фокус е мерката ОБУКИ и од самата содржина на оваа прес-конференција ќе забележите зошто цениме дека ова е исклучително важно. Ова не се само обуки – ова се шанси. Шанси за секој кој сè уште ја чека својата прва работа, шанси за жените кои со години беа оставени надвор од системот, за младите кои бараат нов почеток и за сите кои сакаат да станат дел од нова зелена, дигитална и општествено одговорна економија.

Митева посочи дека во рамки на мерката ОБУКИ, во овој циклус предвидуваме вкупно да бидат опфатени над 2.000 лица, со различни профили на поддршка согласно нивните потреби, но и пазарните реалности.

Ќе започнам со првата обука којашто е наменета за невработени лица кои што се регистрирани во Агенцијата за вработување и оваа обука ќе биде кај конкретен работодавач, на конкретно работно место. Овде се вклучени се 245 лица. Приоритет имаат жени, млади до 29 години и долгорочно невработени лица. Секоја личност ќе добива надоместок од 12.000 денари месечно, за време на обуката којашто е во времетраење до 3 месеци.

Втората обука се однесува на обука за веќе побарувани занимања на пазарот на труд. Овде пак, се опфатени 600 лица и фокусот на обуките е потврден со социјалните услуги, зелените работни места и трговијата и услугите. Исто како и во претходната и овде надоместокот ќе биде до 12.000 денари месечно. 

Обуки за напредни и основни вештини, тоа се однесува на обуките коишто се за компјутерски вештини и јазични обуки и опфаќаме 720 лица. 
Јас лично би сакала да ги истакнам обуките коишто се однесуваат на напредни дигитални и ИТ обуки, коишто се преку лиценцирани програми. Ќе можете од документот да видите за кои обуки, колку актуелни обуки коишто се навистина побарувани во овој период од страна на многу млади, на многу граѓани се вклучени во оваа мерка, колку се навистина истите овие и финансиски оптеретувања за младите. Сега ќе можат да бидат опфатени и да ги искористат 470 лица, а секој учесник ќе добие меѓународно признат сертификат, што значително ќе ја зголеми неговата или нејзината конкурентност на пазарот на труд.

Според Митева, обуките не се само инвестиција во човечки капитал. Тие се показател дека државата конечно се однесува одговорно.

Ветивме дека ќе донесеме систем кој работи за граѓаните. Денес ние тоа го покажуваме на дело: од евиденција во Агенцијата за вработување доаѓаме до шанса за нова работа.

Ова е Влада којашто ги менува правилата – со посветеност но и со нудење на нови решенија. Работа, знаење, перспектива – тоа е патот што го трасираме. И ова нема да биде за поединци, туку ги вклучува сите.

Поврзани вести