
Министерката за образование и наука Весна Јаневска им посака среќен почеток и успешна учебна година на сите наставници, ученици и нивните семејства. Со добро здравје и силна посветеност кон учењето и работата, да ги остварат личните обврски и цели.
Ги охрабрувам учениците со љубопитност да чекорат по патот на знаењето, кое е најмоќната алатка за успех што секој може да ја понесе со себе низ животот. Да бидат истрајни во справувањето со предизвиците и на нив да гледаат како нови можности за лична надградба и просперитет, вели Јаневска.
На наставниците и сите вработени во училиштата Јаневска им изразува искрена благодарност и почит. Тие се столбот на образованието и заедно со родителите/старателите треба да продолжат да им го трасираат патот кон успехот на новите генерации.
Министерството за образование и наука и натаму ќе се заложува за квалитетно, современо и инклузивно образование за сите. Потребна е соработка и поддршка. И затоа, повикувам сплотеност во градењето на училишта исполнети со знаење и почит, на средина во која младите ќе сакаат да останат и да го вложат својот потенцијал. Среќно на сите!, вели Јаневска.