Skip to main content

Мицкоски: Засега нема реконструкција на Владата

ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи е комотна. Има огромно мнозинство во Парламентот, а на локалните избори освои 80 отсто од градоначалничките места, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Истакна дека реконструкција на Владата засега ќе нема, а испразнетите ресори со кои раководеше вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити ќе бидат пополнети, за што последниот збор ќе го даде тој како мандатар.

Во однос на информациите дека по заминувањето на Меџити како градоначалник на општина Чаир, коалицискиот партнер ВРЕДИ го предложил Беким Сали за прв вицепремиер и оти за министер за животна средина и просторно планирање ќе биде назначен друг, Мицкоски рече дека тоа е одлука на коалицискиот партнер и оти не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет.

– Добро, тоа не значи дека ќе има ресор повеќе. Тоа си е одлука на нашиот коалиционен партнер. Јас имам високо мислење за Беким Сали. Апсолутно, тука не треба да имаме никаква дилема. Но тоа не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен темелник на нов Културен дом во општина Петровец.

Во однос на прашањето за реконструкција на Владата, тој посочи дека се фокусирани на редовниот партиски конгрес, што ќе се одржи на 6. декември во Кавадарци.

– Потоа, нормално, формирање на партиската структура, извршениот комитет, општинските комитети, другите структури, кои што се во рамките на партијата. И во меѓувреме, додека сето тоа, трае ќе размислуваме за одредени кадровски поместувања во рамките на владата. Јас сум подготвен со секој да разговарам. Апсолутно, тука нема никаква дилема во рамките на коалицијата. Но се разбира, мандатар сум јас. Така што, нормално е дека последниот збор, како мандатар на Владата, ќе го имам јас, подвлече Мицкоски.

Според него, реконструкција на Владата не се прави само за да се реконструира, туку треба да се размисли новото кадровско решение да биде подобро од претходното.

– Тоа е еден процес на сериозна анализа. Јас сум подготвен со сите чинители на Владата да седнам и да разговарам, да ги слушнам нивните идеи. Но, повторно ќе кажам, мандатар на владата сум јас, нагласи Мицкоски.

На прашањето дали по завршувањето на локаните избори имало интерес од одреднеи структури од НАИ да бидат дел од Владата, премиерот кажа дека веднаш по изборите отпатувал во Брисел и оти досега не разговарал со никој на оваа тема.

– Па не, јас веднаш после изборите, утрото отпатував за Брисел, вчера попладне се вратив, така што ова е мојот прв работен ден после изборите. Следува една организација, сега да видиме како ќе биде понатаму, така што до овој момент не сум разговарал со никого на било каква тема за прашањето поврзано со Владата, додаде Мицкоски.

Тој повтори да не им се верува на шпекулациите за смена на одредени министри и очекува наскоро за испразнетите кадровски места да добие имиња.

– Да видиме дали тие имиња апсолутно се во рамките на тие што очекувам да бидат. И тие имиња да ги пополнат испразнетите места во Владата и институциите. Ова ќе биде процес кој што ќе трае, нема да биде од денес за утре. Ќе повторам реконструкција како реконструкција нема да значи ништо ако реконструираме некој и донесеме после, како што беше пракса во минатотот. Секој кој треба да замени треба да понуди подобра програма, подобри перформанси за да имаме подобра испорака. Ако ставиме име што нема да има подобра програма, нема подобри перформанси и подобра испорака за бадијала сме направиле реконструкција не е суштината на реконструкцијата, посочи Мицкоски

Поврзани вести